Трајанов: Со една изборна единица ќе јакнат демократијата и одговорноста

На денешната прес-конференција на пратеници-предлагачи на измените на Изборниот законик, со кои се предлага Македонија да биде една изборна единица, Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократскиот сојуз, меѓу другото нагласи:

„Со една изборна единица ќе започне силен процес на демократизација и јакнење на одговорноста на носителите на јавни функции, ќе се демонтира монополската положба на владеење на една партија, секој глас ќе има иста тежина, а составот на Парламентот ќе биде одраз на определбата на граѓаните кои ќе имаат можност за избор.

Со воведување една изборна единица, како и со отстранување на системските предности на четирите партии поврзани со финансирање на изборната кампања, медиумскиот простор за политичко претставување и државното финансирање на партиски институти, ќе се создадат еднакви услови за политички натпревар и при носењето круцијални и други стратешки одлуки ќе учествуваат повеќе партии и поединци.

Досега донесувањето на измените на законот го блокираат СДСМ и ДУИ“.

Инаку, предлог измените на Изборниот законик во парламентарна постапка се повеќе од две години. Така, Предлог-законот е доставен до Собранието на 5 март 2021 година, на дневен ред е ставен на 41-та седница на Собранието, закажана за 18 мај 2021 година. По една година, одржана е расправа на Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците (на 22.3.2022) и на Законодавно-правната комисија (на 23.3.2022), при што е одлучено дека предлог-измените СЕ ПРИФАТЛИВИ И ДА СЕ ДАДАТ НА НАТАМОШНО ЧИТАЊЕ (да се одржи пленарна седница).

Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците предложи Собранието да организира и јавна дискусија, помеѓу првото и второто читање на предлог-законот.

Повеќе од јасно е дека спротивно на Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија, измените се блокирани и за тоа мора да има политичка одговорност.