Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) е затекнато во лоша финансиска состојба која што успеавме да ја санираме, информираше денеска директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски.
По средбата во претпријатието со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, директорот Трајановски информираше дека го затекнале претпријатието со големи долгови, но, како што рече, успеале да се приближат до финансиска стабилност.
– На сметката имаше околу 90 милиони денари, а долговите беа околу милијарда и сто, десет пати поголеми долгови од што е состојбата на сметката, за да на 23 август, на вчерашната состојба, имаме милијарда и сто на сметката и милијарда и триста во долгови. Се приближуваме до некоја финансиска стабилност, рече директорот, по средбата на која биле презентирани проектите што се дел од работата на ЈПДП.
Трајановски информираше дека од февруари годинава не биле плаќани фактурите на многу институции, помеѓу кои ги спомена Македонија пат, на кои, како што рече, им е платено само за исплата на плати, а не е платено, како што дополни, и на Министерството за финансии во вредност од 300 милиони денари за отплата на ануитети за кредити кои ги плаќа Министерството во име ЈПДП.
– Финансиската состојба беше многу лоша, успеавме да ја санираме, пред сè во наплата на патарините. Доколку направиме споредба јули 2023 со јули 2024, имаме во јули 2024 година 66 милиони поголема наплата во однос нам минатата година, тоа јасно зборува дека ние работиме посветено и домаќински, за да би можело ова јавно претпријатие да биде во многу стабилна состојба, рече директорот на ЈПДП.
Трајановски информираше и дека претпријатието потпишувало договори со многу високи цени, од кои ја сподели цената од 30 илјади денари за ангажирање на стручен електроинженер од висока стручна спрема за еден час работа.
– Да не зборувам за сите други слични договори кои што биле правени. Не е правена конкуренција и не се гледало да бидат конкурентни на пазарот, дополни тој.
Министер за транспорт и врски, Александар Николоски, сподели дека имале одличен почеток заедно со ЈПДП, при што рече дека на дневна основа работат на реализација на проектите.
– Имаме неделни состаноци за двата најкрупни проекти, едниот е финализирање на автопатот од Охрид до Кичево, а вториот е почеток и забрзување на работите за коридорите 8 и 10, пред сè тука е Прилеп-Битола, Тетово-Гостивар и Гостивар- Букојчани. Во следниот период ќе доаѓаат и другите проекти, изјави Николоски.
Министерот најави дека наскоро ќе биде завршен проектот за експресниот пат Градско-Прилеп.
– Состојбата ако кажам дека е лоша би било благ збор, наследивме катастрофална состојба каде што проекти воопшто не се менаџирале и за обични административни работи се заглавувани проекти по година, две, три. Ќе дадам само еден пример, експресниот пат Градско – Прилеп, кој што треба да забрза движењето на целиот централен регион на Македонија беше заглавен година и половина заради неформирање на комисии, заради незавршување на процедурални работи кои за месец дена ги завршивме и во вторник со информација на Влада ќе го завршиме и тоа, рече министерот за транспорт.
Дополни дека очекува „Јавното обвинителство да постапи по однос на сите наводи кои ги имаат доставено како министерство за сите потенцијални криминали кои ги имало во ЈПДП“ и најави убави вести во следниот период.
И премиерот Христијан Мицкоски, оцени деја врз основа на тоа што му било презентирано ЈПДП полека но сигурно се консолидира и стабилизира.
– Изминатите денови посетив неколку државни институции, цело време зборуваме за стабилизација, после оној слободен пад кој што го имавме како држава. И можам да кажам дека полека, но сигурно состојбата се стабилизира и се ослободуваме од криминалот, рече Мицкоски.
Тој, исто така, го повика Обвинителството да постапи по добиените пријави.
– Повикувам до ЈО да си ја заврши својата работа во пријавите кои што досега се добиени и по пријавите кои што ќе следат, бидејќи сето ова кое што се случувало во институциите мора да биде причина да ЈО и другите истражни органи влезат и се позанимаваат, бидејќи сепак тоа се народни пари, ваши пари. И мора да се има одговор каде завршувале тие пари и како одделни политичари од голтари станувале милионери. Зошто се потпишувале вакви договори, што е причината да се потпишат вакви договори на вакви технички решенија кои што се катастрофални, изјави Мицкоски.
Очекувањата на премиерот се резултатите од работата на ЈПДП да излезат многу скоро.