Трајковски победник во скок во далечина на Европските игри – дивизија 3!

Најдобриот македонски атлетичар во моментов, Андреас Трајковски, победи во денешното натпреварување од дивизијата 3 во скок во далечина на Европските игри во Краков, откако во втората серија прескокна 7,73 метри.

Ова е за шест сантиметри полош резултат од неговиот македонски рекорд, остварен годинава на митингот во Калитеа (Грција). Со ова, Трајковски освои 15 бодови за Македонија, кои ќе бидат вметнат во борбата за екипен пласман на репрезентацијата од трет европски ранг.

Покрај Трајковски, на пиедесталот се најдоа Ишаи Ифраимов од Израел, кој го освои второто место со скок од 7.70 метри, додека, пак, третото место му припадна на Мухамет Кангели од Албанија со скок од 7.36 метри. Андреас, претходно, настапи во дисциплината на 100 метри, каде истрча за време од 10,81 секунди и ја освои петтата позиција.