![graganska-grcija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/03/graganska-grcija.jpg?resize=596%2C310&ssl=1)
Во организација на Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес, на 15 март 2014 година (сабота) на влезот на Катлановска бања, со почеток во 11 часот, ќе биде откриен Споменик на ранетите и починатите Македонци и Грци – борци на Демократската армија на Грција (ДАГ) во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, лекувани во Болницата во Катлановска бања 1947-1948 година.
Покрај здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Република Македонија и од јужниот сосед Република Грција, на откривањето на Споменикот поканети се претседателите, премиерите и парламентарните спикери на Македонија и Грција.Натписот на Споменикот е на македонски, англиски и грчки јазик.
Во 11.00 часот ќе се одржи панихида, по неа предвидени се пригодни обраќања, полагање свежо цвеќе на Споменикот, и културно-уметничка програма со учениците од Музичко – балетскиот училишен центар “Илија Николовски – Луј“ од Скопје со песни и носии од Егејот.
Ова строго чувана воена тајна, после 67 години за првпат се одбележува со Споменик. Споменикот ќе остане траен паметник за местото каде се лекувани ранетите и починатите Македонци и Грци борци на Демократската Армија на Грција во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, и ќе претставува сведоштво за помошта која Македонија им ја даваше на антифашистите и борците за слобода, правда и демократија во јужниот сосед Хеленската Република.
Македонците и во двете балкански војни и во двете светски војни беа жртви на геноцид и окупација. Простуваме ама не забораваме, било, да не се повтори. Овој Споменик е прилог кон историско македонско-грчко помирување и Договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија и Грција.
Македонците, заедно со Грците, во Втората Светска Војна и во Граѓанската војна во Грција, се бореа против фашизмот и ја ослободија Грција од фашистичката окупација. На тој начин се вградија во државноста на Хеленската Република и поради тоа бараат права и слободи, како еднакви меѓу еднаквите.
„Овој Споменик е траен помен за заедничката борба на Македонците и Грците против фашизмот во Европа. Длабоко веруваме дека еден ден, сите Македонци во Грција и прогонетите Македонци од Грција, ќе ги добијат своите права и слободи,“ велат организаторите.