Играч и еден од тренерите на фудбалскиот клуб Слога од Босанска Оток во БиХ загинаа во тешка сообраќајна несреќа ноќта меѓу саботата кон неделата, а повредени се уште тројца фудбалери, потврдија од клубот.
На официјалната фејсбук страница на Слога објавија дека капитенот на клубот Неџад Мујагиќ и помошниот тренер Аднан Фајиќ загинале во сообраќајна несреќа што се случила во Босанска Отока.
Констатирано е дека уште тројца фудбалери кои учествувале во несреќата се надвор од животна опасност.
Според достапните информации, сите петмина биле во автомобил кој излетал од коловозот во надојдената река Уна. Мујагиќ и Фајиќ се удавиле, а тројцата нивни сопатници успеале да испливаат од автомобилот и да се спасат.
Слога е клуб кој оваа сезона се натпреварува во втората лига на Федерацијата Босна и Херцеговина и моментално ја зазема петтата позиција меѓу 16-те екипи кои учествуваат во тој натпреварувачки ранг.
Слога е позната како еден од најстарите фудбалски клубови во БиХ, бидејќи е основан во 1922 година.