Момче се здоби со тешки повреди додека правело селфи на воз

Во 12:15 часот, Б.К. (14) со уште две другарчиња биле на железничката станица во Велес, со намера да направат селфи на вагоните. Б.К. се качил на еден од товарните вагони, паркиран на товарниот дел на станицата. Тој ги допрел жиците и се здобил со струен удар од околу 25.000 волти, колку што тече струја низ електронапојувањето потребно да ги движи возовите.

Неговите другарчиња побарале помош, а први притрчале лица од обезбедувањето на блиската фабрика ,,Ветекс“, кои употребиле и пена за гаснење, пишува Телеграф.мк.

Потоа  дошле и пожарникарите, по што момчето  со возило на Брза помош е пренесено во велешката болница.

-Во СВР-Велес пријавено е дека на железничката станица во Велес, дете родено 2001 година е повредено од струен удар. Првичните информации се дека детето е повредено откако се качило врз вагон паркиран на железничката станица. На детето му е укажана лекарска помош во Медицински центар во Велес, изјавила Анита Стојковска, портпарол на СВР-Велес.

Поради тежината на повредите и степенот на изгорениците, детето е веднаш пренесено во Ургентен центар во Скопје. Увидна екипа од СВР-Велес изврши увид на самото место за да се утврдат причините како дошло до несреќата.