Траги од нафта кај местото викано Ведрани во Вевчани биле забележани при вонредниот инспекциски надзор на Инспекторатот за животна средина во фабриката за медицински канабис „Флауер Пауер“.
Надзорот, како што информира Државниот инспекторат за животна средина, бил извршен во присуство на вработени лица од општина Вевчани, а по претходно добиена претставка за еколошка катастрофа за истурен талог од нафта, на локација каде што нелегално бил одложен различен цврст отпад. Талогот од нафта бил истурен нелегално од „Флауер Пауер“, фабрика за медицински канабис при отстранување на стара цистерна за нафта.
„При увидот константирано е дека на локацијата која е нелегално одлагалиште на цврст отпад има остатоци од нафтен дериват измешан со земја. И северно спрема селото Лабуништа има создадено вир од вода во кој се видливи мрсни дамки на површината од водата во пречник од околу два метри квадратни. Наслаги има и на страните од брегот, кои се останати при намалување на водостојот во вирот од вода“, стои во соопштението на Инспекторатот.
Инспекциски надзор бил извшен и во објектот за производство на медицински канабис, кој е во изградба, каде, според информацијата, било константирано дека уште нема отпочнато со работа за одгледување на медицински канабис. Во надворешниот дел, пак, како што е наведено, се наоѓала бетонска јама во која имало стара цистерна за чување гориво, која била отстранета за старо железо во отпад. Подот бил тампониран и на еден дел од ѕидната површина имало остатоци од нафтен дериват.
Правниот субјект бил задолжен веднаш да го отстрани исфрлениот отпаден нафтен дериват помешан со земја кој претставува опасен отпад, со овластен постапувач, кој поседува дозвола за отстранување и транспорт од МЖСПП.
Во рок од седум дека треба да достави доказ дека цистерната за гориво е отстранета на соодветно место, по што треба да го извести Инспекторатот.
За утврдената законска повреда, според информацијата, ќе следува соодветна санкција согласно законските прописи.