Поранешниот градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски објави дека е негов проектот за Водно без автомобили, со кој се фали актуелниот градоначалник Петре Шилегов од СДСМ.
-Господине Петре Шилегов, сакам да ви се заблагодарам што реализирате проект од мојата изборна програма, а кој го нема во вашата. Среќен сум што Водно барем за викендите ќе биде без автомобили, напиша Трајановски на својот Фејсбук профил.
Имено, во предизборната кампања за локалните избори, конкретно на 1-ви октомври, Трајановски пред скопјани го обелодени овој проект.
-Тука сме на средно Водно, да промовираме уште еден проект од мојата изборна програма, а тоа е ден без автомобили во викендите за средно Водно. Имено, со оглед на тоа што се создаваат големи гужви од автомобили на средно Водно во текот на викендите, ние ќе предвидиме за овие автомобили во катната гаража да имаат бесплатно паркирање, а исто така и на паркингот пред Нова Македонија, а потоа со автобуски превоз да доаѓаат посетителите до средно Водно. На тој начин, сметаме дека ќе ги избегнеме гужвите и воедно ќе овозможиме заштита на парк-шумата Водно со оглед на тоа што таа е една од главните спортско-рекреативни центри во градот Скопје, истакна тогаш Трајановски.
Шилегов во својата програма го немаше предвидено овој проект, но сепак сега најавува дека тој од 15 ноември ќе го забрани движењето на возила во средно Водно.
-Од 15 ноември ќе биде дозволено автомобили да се качуваат само до делот кај новиот пат кој води кон Сончев град, рече вчера Шилегов.