Трајановски им посака успех во новите средношколци

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски денеска го посети СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ на првиот училиштен ден од учебната 2017/2018 година.

Градоначалникот Трајановски им пожела добредојде во училиштето, успех во учењето и во совладувањето на наставните содржини и многу убави спомени од средношколските клупи.

„Денеска почнува новата учебна година и јас сакам да Ви пожелам успешен почеток на Вашето средношколско образование, успешен почеток на оваа учебна година и да го постигнете она што сте го замислувале. Се надевам дека сте направиле правилен избор, ова е многу добра гимназија со високо реноме, така што од вас очекуваме да учите и да постигнете големи успеси. Но, треба да знаете дека успехот зависи само од вашиот ангажман во учењето и од правилниот распоред на времето во текот на денот. Затоа Ви велам дека треба да учите и поголем дел од денот да го посветите на учењето за да сите ние во иднина се гордееме со вас, а Вашето време допрва доаѓа“, истакна Трајановски.

СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“, годинава ги пречекува учениците со нови подови во училниците, реновиран покрив на објектот и уреден двор, односно во многу посолидни услови за работа.