Трајановски, Мисајловски, Тодоров и Чавков на терен со најпогодените

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска посети неколку населени места кои беа погодени од големото невреме што пред два дена го зафати Скопје.

Трајановски заедно со министрите за здравство, за внатрешни работи и за транспорт и врски, Никола Тодоров, Митко Чавков и Владо Мисајловски, градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски и со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу ги посетија Инџиково, Црешево, Смилковци, Виниче и Страчинци, каде што се во тек активностите за расчистување на теренот и последиците од катастрофалното невреме.

Градоначалникот Коце Трајановски во просториите на ОУ „Дане Крапчев“ одржа координативен состанок со претставници од армијата, Дирекцијата за заштита и спасување и со претставници од месните заедници од овие скопски села.

На терен најпрвин почна санацијата и чистењето на каналот во населеното место Инџиково, за да можат да се испразнат и атмосферските канализации, како и дворовите и куќите на граѓаните.

Екипите на Градот Скопје и на општините се на терен и неуморно им помагаат на жителите кои настрадаа во поплавата, рече денеска градоначалникот Коце Трајановски.