Кандидатите за градоначалници на општина Гази Баба, на ВМРО-ДПМНЕ Тони Трајковски и на СДСМ, Борче Георгиевски ги соочија ставовите во петокот вечерта во емисијата „Само вистина“ на телевизијата Канал 5.
Трајковски потенцира дека зелените површини и парковите се многу значајни и дека во нив е доста вложено изминатиов период. Тој особено внимание даде на Паркот на природата, кој од страна на минатата Влада беше заштитен со закон.
Наспроти тоа, во јавноста излегоа информации дека кандидатот на СДСМ на оваа локација сака да гради плацеви кои, според пишувањето на медиумите, ги ветувал во замена за гласови на изборите.
„Ние донесовме закон за заштита на тој локалитет и во минатото на дел од тој потег каде што сега се спомнува за плацевите, а и граѓаните во Железара прашуваат што ќе се случи. Затоа што кога Беше Борче Стефановски градоначалник, кој деновиве потпиша договор да даде поддршка на СДСМ, имаше 100 парцели за градење. Ако се размислува за тој потег да се гради, јас ве уверувам дека е најлошото нешто што може да се случи за жителите во Гази Баба и Железара. Нема да дозволиме градење на градби кај ова зеленило. Таа парк шума, Парк на природата мора да е заштитена, тоа е белодробно крило. Ние донесовме закон да биде заштитениот зелен објект во скопскиот регион“, истакна Трајковски.
Кандидатот на СДСМ јавно најави дека има нов детален урабнистички план за ова место каде се предвидува градба на спортски центар, на што Трајковски одговори дека таа локација треба да остане за паркови и зеленило.
„Овде има зеленило, а вие планирате да градите според нов урбанистички план. Заедно со Град Скопје и со претходната Влада донесовме закон за овој локалитет. 103 хектари шума која треба да се пошумува и во следниот период и комплетно да се ревитализира. Ќе продолжиме со пошумување на појасите покрај фреквентните сообраќајници. И досега имавме голем број локации пошумено заедно со Град Скопје. Ќе се продолжи со пошумување покрај обиколницата“, рече Трајковски.