Хајката на власта против неистомислениците зема замав. Овојпат на удар се најде Александар Трајковски, вработен во Царинската управа, која започнува една фингирана дисциплинска постапка против него, само затоа што бил на лекарски преглед во Унгарија.
Тој на Фејсбук напиша:
Денес околу 16:20 часот (работното време во Царинската управа е до 16:30 часот) до мене како вработен и официјално беше доставено она што пред неколку денови го кажав во изјава за дел од медиумите, односно предлог за покренување на дисциплинска постапка против мене како вработен во Царинската управа. Како што кажав пред неколку дена започна да се реализира една фингирана дисциплинска постапка во која се прекршуваат мноштво закони. Ме теретат дека сум постапил спротивно на Законот за Царинската управа односно дека сум извршил злоупотреба на боледување. Злоупотребата на боледување сум ја извршил бидејќи сум заминал на испитување во болница во Република Унгарија (за што поседувам медицинска документација од извршените прегледи) а не сум имал право на тоа, односно не сум имал право на второ лекарско мислење.
Оваа покрената постапка значи директен атак врз правата на пациентите. Оваа постапка крши директни човекови права. И конечно оваа постапка не значи ништо друго освен политички реваншизам врз мене и како член на ВМРО-ДПМНЕ и како Советник во Советот на Општина Гази Баба од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Како граѓанин на Република Македонија ми се кршат основните човекови права и слободи, ми се крши уставно загарантираното право на здравствена заштита како и можноста да се грижам за сопственото здравје онака како што јас мислам дека е потребно. И како граѓанин ќе поднесам соодветни поднесоци до надлежни институции и организации за заштита на човековите права.
Како Советник избран од граѓаните на Општина Гази Баба на непосредни избори ќе ги информирам меѓународните преставници и организации бидејќи ова го сметам како директен притисок врз мене и врз моето понатамошно делување и носење на одлуки!