Градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски испрати обраќање до јавноста по прес- конференцијата на советничката група на СДСМ.
Неговото обраќање го пренесуваме во целост:
Вчерашниот инквизиторски настап на СЈО не беше ништо друго освен гола политика без никакви докази и аргументи.
Да не беше СЈО, советничката група на СДСМ немаше да има ниту една причина за која би можела да излезе во јавноста, бидејќи СДСМ ниту има проекти, ниту ги интересира подобрувањето на стандардот на граѓаните. Затоа СЈО делува како продолжена рака на СДСМ и им сервира политички теми со кои би биле присутни во медиумите.
Уште еден доказ за спрегата помеѓу СЈО и СДСМ е денешната прес конференција на советничката група на СДСМ предводена од советникот Дарио Николовски.
Објектот Космос беше дивоградба и сите докази, аргументи и факти го потврдуваат тоа. Целата постапка околу Космос е законска. Се останато е само обична конструкција и обид да и се сервираат на јавноста невистини дека сопственикот на Космос требало да биде привилегиран, дека тој е над сите останати граѓани и дека неговата дивоградба не смеела да биде третирана како и сите други вакви случаи.
Во текот на вчерашниот ден, по прес конференцијата на СЈО за случајот Космос, од страна на општина Гази Баба пред македонската јавност, беа презентирани документи, односно факти и докази со кои се потврдува дека целокупната постапка водена од општина Гази Баба е спроведен законски.
Законитоста се потврдува и со правосилните Пресуди добиени од Управниот суд, Вишиот управен суд и со Решение од Уставниот суд.
Исто така, од презентираните докази се виде дека и самиот инвеститор потврдува дека градел градба спротивно на Одобрението за градење кое го докажува со самиот факт дека уште следниот ден по добивање на одобрението за градба дал согласност објектот да се подигне за 1.5м, а подоцна побара измени во текот на градба каде ја прикажа фактичката состојба на изграденото за кое беше одбиен од наша страна затоа што барањето беше спротивно на деталниот план и истото беше доставено откако градбата беше изведена. Истовремено во постапката самиот инвеститор ангажираше геодетска фирма за мерење на котите која ги потврди нашите констатации.
Жалиме што советниците од советничката група на СДСМ, иако имаат можност да направат увид во целокупната документација и со сопствени очи да ги видат документите како доказ, одлучија да одржат политичко – партиска прес конференција, без приложување на конкретни документи. Со ова му даваат поддршка на нивниот коалиционен партнер Фијат Цаноски, односно го поддржуваат во неговото криминално дело – изградба на објект спротивно на одобрението за градење со што испраќаат лоша порака до граѓаните во заштита на криминалот и кршењето на Законот.