Трајковски: Да се одолее на притисоците и да се гласа за нови проекти

ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг од локалните избори издвојува победа на листата на советници во општина Гази Баба, истакнува актуелниот градоначалник и кандидат за истата функција, Тони Трајковски, во гостувањето во петокот вечерта во емисијата „Само вистина“ на телевизијата Канал 5 и притоа посочи дека неговиот против кандидат од СДСМ, Борче Георгиевски има ветува на граѓаните проекти коишто веќе се реализирани во општината.

„ВМРО-ДПМНЕ го има мнозинството во Советот на Гази Баба со 14 советници и тоа ни е доволна гаранција дека проектите од нашата изборна програма ќе бидат реализирани. Сме имале случаи каде во првиот круг кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ убедливо губел, па на вториот круг убедливо победувал. Општина Гази Баба е голема општина, има околу 62.000 гласачи, преку 75.000 жители. Дваесет дена кампања некогаш е малку за да можеме сите проекти да ги презентираме пред граѓаните, а ќе кажам дека, за жал, граѓаните во тој краток временски период не успеаја да ги дознаат сите лаги кои мојот противкандидат од СДСМ ги презентираше. Затоа очекувам сега во вториот круг, бидејќи имаме доволен период целосно да ја презентираме нашата програма, а воедно граѓаните да ги видат лагите од страна на мојот противкандидат“, рече Трајковски.

Нагласи дека од Коце Трајановски научил дека „Само работата е таа која може да донесе подобро утре за сите нас“.

„Работа, а не само ветувања. Тоа е нашиот стил на работа, така ќе продолжиме. овој период гледам многу позитивна клима кај граѓаните и покрај тоа што во првиот круг имаа голем број на притисоци, голем број на закани, голем број на уцени и ред други работи спротивни на законските процердури и изборниот законик, а тоа го кажуваат и граѓаните. Затоа верувам дека граѓаните тоа сега ќе го казнат, односно ќе ги препознаат делата кои планираме за следниот период да ги реализираме, а имаме предвидено 471 проект“, порача Трајковски.

Притоа кандидатот за градоначалник на општина Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Трајковски на противкандидатот од СДСМ, Борче Георгиевски му посочи дека во програмата ветува проекти кои веќе се реализирани или се во тек на градба. Трајковски приложи и неколку слики за да докаже дека во програмата на Георгиевски се вметнати проекти кои се веќе реализирани од страна на актуелната локална самоуправа.

„Вели во програмата дека ќе изгради ново основно училиште ‘Вера Јоциќ’. Јас, еве, ќе покажам дека основното училиште ‘Вера Јоциќ’ веќе има еден спрат изградено. Граѓаните не можат да се лажат, граѓаните во општина Гази Баба знаат да препознаат лага“, истакна Трајковски.

Покажа и фотографии од рефлекторите на спортското игралиште во населбата Колонија, проект кој сега го ветува Георгиевски. „Тие веќе лани беа изградени. Еве ги рефлекторите, лани се изградени и тоа е исто лага која е во програмата“, рече Трајковски.

Кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ исто така приложи и снимки и од веќе асфалтираната улица „24“, која е вметната во програмата на Георгиевски. „Тој вели во програмата дека ќе се асфалтира. Не може една улица која е асфалтирана повторно да се асфалтира. Таа ќе се асфалтира кога ќе има нови дупки по 5 или 10 години“, посочи Трајковски.

Нагласи и дека поставувањето на подземни контејнери во населбата Триангла е исто така лага, бидејќи таму веќе има поставени такви контејнери.

„Подземни контејнери ќе поставел во Триангла, тие се веќе поставени. Значи на истите места каде што ние сме ги поставиле, во истите места ќе поставеле и тие“, потенцираше Трајковски.