Американскиот претседател Доналд Трамп ја донел одлуката за операција против иранскиот генерал Касем Сулејмани седум месеци пред наводно по вина на Иран да загине американски државјанин, пренесува телевизијата NBC повикувајќи се на високи функционери во администрацијата во Вашингтон.
Минатиот понеделник весникот The Washington Post пишуваше дека американскиот државен секретар Мајк Помпео неколку месеци го убедувал претседателот Доналд Трамп дека треба да се елиминира влијателниот на Блискиот исток ирански командант. Истакнувајќи дека долго време Трамп не се согласувал со ваква операција, соговорниците на весникот рекле дека и американските високи офицери биле против слични мерки, откако кампањата со жестоките санкции против Иран доведе до зголемена напнатост во односите со Техеран. Меѓутоа, ситуација се изменила откако на 27-ми декември во ракетирањето на военста база во ирачката покраина Киркук загина цивилно лице од САД. На 29-ти декември, шефот на дипломатијата Помпео, министерот за одбрана Марк Еспер и начаникот на здружените команди на американската армија, Марк Мили, се сретнале со претседателот Доналд Трамп. Како резултат на разгледувањето на мерките со кои Вашингтон ќе одоговори, претседателот се согласил со ликвидацијата на генералот Касем Сулејмани, пишуваше весникот.
Според прилогот на NBC, уште откако иранската војска го собори американското беспилотно летало над Ормускиот теснец во јуни 2019 година, поранешниот советник за национална безбедност во Белата куќа, Џон Болтон, и државниот секретар Мајк Помпео, барале од Трамп да преземе одмазнички мерки, одобрувајќи операцијата против Сулејмани. Трамп, пак, рекол дека ќе преземе таков чекор само доколку поради Иран загине американски државјанин. Во споменатиот инцидент, кога Техеран тврдеше дека американскиот дрон го соборил на иранскиот воздушен простор, американските медиуми пишуваа дека Трамп во последен момент ја отповикал наредбата за воздушни напади врз Иран, поради процена за несразмерни можни жртви.
Како што пренесува телевизијата, претседателскиот декрет во јуни бил проследен со услов дека Трамп треба да ја одобри секоја конкретна операција против Сулејмани. Како што рекол еден од изворите на NBC, токму тој указ појаснува зошто воените функционери му предложиле Трамп атентат врз иранскиот генерал како одговор на ракетирањето на базата во ирачката покраина Анбар, во кое загина американски државјанин а уште четворица војници беа ранети.
Според инфромациите на NBC, тоа може да ги стави под сомневање изговорите дадени од администрацијата на Трамп за оправдување на операцијата, особено на тврдењата дека Сулејмани планирал напади врз американски цели. Особено откако американскиот министер за одбрана Марк Еспер во емисијата „Face the Nation“ на американската телевизиска мрежа CBS News рече дека се согласува со оцената на американскиот претседател Доналд Трамп дека нападите врз американските амбасади се веројатни, но рече дека таа оцена не се темели на некои специфични докази.
Ноќта кон 3-ти јануари, САД изведоа воздушен удар крај меѓународниот аеродром во Багдад, во кој беа убиени командантот на иранските специјални сили, генералот Касем Сулејмани и заменик-командантот на ирачката шиитска милиција, Абу Махди ал-Мухандис, кои Вашингтон ги смета за клучни личности вклучени во организацијата на протестите и обидот за упад во американската амбасада во Багдад на 31-ви декември.
Убиството на генералот Сулејмани ја ескалираше кризата меѓу САД и Иран. Техеран изведе ракетни напади врз две ирачки бази во кои се сместени американски војници, и по кои не се пријавени жртви. Вашингтон, пак, одговорија со дополнителни санкции против Иран, со кои се опфатени 17 рударски и металуршки компоании, како и странски транспортни средства вклучени во испораките на нивните производи, како и за осум високи ирански функционери.