Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ја критикуваше Украина за употребата на американски ракети за напади длабоко на руска територија, во интервју за магазинот Time објавено во четвртокот, сугерирајќи дека ќе ја промени американската политика кон Украина.
„Ова што се случува е лудо. Лудо. Апсолутно не се согласувам со испраќање проектили стотици милји во Русија. Зошто го правиме ова? Само ја ескалираме војната и ги влошуваме работите. Ова не требаше да се дозволи“, Трамп изјави во интервју за Time кое го прогласи за личност на годината.
Претседателот на заминување Џо Бајден минатиот месец ја укина американската забрана за Украина да користи американски ракети со поголем дострел за да напаѓа длабоко во Русија. Тимот на Трамп, кој повеќепати најави дека би сакал брзо да ја запре војната во Украина, која трае речиси три години, како и многу светски челници овој потег на Бајден го оценија како намерно ставање пречки на мировните напори на неговиот републикански наследник во Белата куќа.
Трамп во разговорот за Time изјави дека има „многу добар план“, но дека „ќе биде речиси безвреден“ ако го открие сега.
Исто така рече дека бројот на луѓе кои умираат во војна не е прифатлив и одржлив. „Зборувам за двете страни. Навистина е предност за двете страни тоа да се заврши“, рече Трамп.
Претходно во четвртокот Кремљ порача дека Русија дефинитивно ќе одговори на најновата употреба на Украина на ракетите АТАСМЅ од американско производство за напад на руска територија.
Овој напад е прв откако Русија на украинските лансирања на американските ракети со долг дострел на руска територија одговори со лансирање на експерименталната хиперсонична балистичка ракета „Орешник“ со која беше уништен најголемиот воено-индустриски компелкс на Украина „Јужмаш“ во градот Днипро (Дњепопетровск).
Москва во средата соопшти дека Украина го погодила рускиот воен аеродром Таганрог на југот на земјата со шест балистички ракети со долг дострел ATACMS од американско производство, што може да ја поттикне Москва да лансира уште една експериментална хиперсонична ракета со среден дострел кон Украина.
Руското Министерство за одбрана во средата објави снимки и фотографии од соборените шест американски проектили и порача дека „нападот со западно оружје со долг дострел нема да остане без одговор и ќе бидат преземени соодветни мерки“. Засега нема сигнали кога и како точно ќе одговори Русија.
„Би сакал да потсетам на апсолутно недвосмислената и директна изјава на Министерството за одбрана на Руската Федерација дадена вчера, каде што беше јасно наведено дека ќе следи одговор“, изјави во четвртокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Одговорот ќе дојде на начин што се смета за соодветен. Но, тој дефинитивно ќе дојде“, рече Песков.
Русија истрела нова хиперсонична балистичка ракета со среден дострел, позната како „Орешник“ во Украина на 21 ноември, како што рече претседателот Владимир Путин, како директен одговор на украинските сили кои ја нападнаа Русија со американски и британски ракети.
И американски официјален претставник во средата рече дека Русија би можела да лансира уште една хиперсонична балистичка ракета кон Украина во наредните денови, но Вашингтон не верува дека „Орешник“ може да означи пресвртница во војната.
Сепак аналитичарите проценуваат дека лансирањето на споменатата ракета со шест засебни боеви глави кои вертикално паѓаат од стратосферата поради што засега од неа нема одбрана, е попрво порака до Западот, отколку што имаше цел да ѝ нанесе огромна штета на Укриана. Притоа се истакнува дека боевите глави на ракетата „Орешник“ лансирана врз Днипро биле „ќорци“, без кумулативни полнења, и оти во тој случај била користена само кинетичката сила која, исто така, предизвикува големи штети.