Американскиот претседател Доналд Трамп им предложи на сојузниците во НАТО во средата да ги зголемат своите одбранбени издвојувања на 4 отсто од бруто домашниот производ (БДП), двојно повеќе отколку што беше договорено на самитот во Велс пред четири години, а кој го исполнуваат само осум од 29-те членки на Алијансата.
Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп беше изнесен на средбата на 29-те челници на земјите членки на НАТО кои се собраа на дводневниот самит во Брисел, на кој за Македонија беше повторена поканата да стане триесетта членка на блокот откако ќе ги изврши сите обврски преземени со Договорот со Грција за промената на уставното име.
„Претседателот предложи не само што земјите членки да ја исполнат целта од 2 отсто од БДП-то, туку издвојувањата за одбраната да ги зголемат на 4 отсто. Претседателот Трамп сака нашите сојузници да понесат поголем товар“, изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.
Самиот Трамп подоцна на Twitter напиша дека 2 отсто од БДП-то сојузниците мора да започнат да трошат на одбраната веднаш, а не до 2025 година.
„За што служи НАТО ако Германија ѝ плаќа на Русија милијарди долари за гас и енергија? САД плаќаат за заштитата на Европа, а потоа губат милијарди на трговијата. Мора да платат 2 отсто од БДП-то веднаш, а не до 2025-та“, истакна американскиот претседател.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на конференцијата за медиумите, рече дека членките треба да се насочат на договорената цел од два процента.
Членките на НАТО на самитот во Велс во 2014 година е дека следните години ќе го подигнат издвојувањето за одбраната на 2 отсто од БДП. Таа цел според последните податоци во моментов ја исполнуваат само осум земји: САД, Велика Британија, Грција, Естонија, Литванија, Латвија, Естонија, Полска и Романија. Се очекува дека до 2024 година оваа цел ќе ја исполнат вкупно 17 земји. Односно покрај споменатите, и Албанија, Бугарија, Црна Гора, Чешка, Словачка, Хрватска, Унгарија, Турција и Франција.
Меѓутоа, некои земји, особено оние големите европски членки, како Германија, Шпанија и Италија, ниту до споменатиот рок нема да ја исполнат зацртаната цел. Инаку, од вкупните трошоци за одбраната на сите членки на НАТО, на САД отпаѓаат 70 отсто, поради што повеќе досегашни администрации во Вашингтон им приговараа на сојузниците.