Трамп бара уште 4 милијарди долари за одбрана од севернокорејската закана

Американскиот претседател Доналд Трамп го повика Конгресот да одобри дополнителни 4 милијарди американски долари во воениот буџет поради заканите од Северна Кореја, во пресрет на неговата прва посета на Јужна Кореја по преземањето на должноста во јануари годинава.

„Со овие средства ќе се финансираат дополнителните напори за откривање и одбрана од севернокорејски напад со балистички ракети врз САД, нејзините сили, сојузници или партнери и за пораз (на Северна Кореја)“, напиша американскиот претседател Доналд Трамп во писмото до Конгресот коешто го цитираат медиумите.

Трамп, исто така, го повторува барањето до Конгресот да обезбеди 1,6 милијарди долари за изградба на ѕидот на американската граница со Мексико. Планот за градење ѕид беше централен дел од неговата успешна претседателска кампања, но некои републиканци во Конгресот го сметаа за проблематичен, како и повеќето демократи.

Американскиот претседател своето барање за дополнителен воен буџет го изнесе во текот на својата прва турнеја во Азија, најдолгата на некој челник на САД од 1991 година во регионот, каде што повторно ќе се сретне со регионалните партнери и други функционери кои се фокусирани на прашањето како да се реши проблемот со севернокорејските нуклеарна и балистичка програма.

Трамп првично бараше 9,9 милијарди долари во периодот до 30-ти септември 2018 година, за одбранбени проектили, што некои пратеници го отфрлија како прениско барање. Сега рапулбиканските челници на комитетите за вооружените сили во Сенатот и во Претставничкиот дом, сенаторите Џон Меккејн и Мек Торнбери во заедничка изјава објавија дека го поздравуваат барањето на претседателот Трамп.

Барањето на Трамп за зголемување на одбранбениот буџет опфаќа 700.000 долари за поправки на штетите на бродовите на американската воена морнарица по неодамнешните поморски несреќи и 1,2 милијарди долари за зголемување на силите во Авганистан и за јужноазиската стратегија на неговата администрација.