Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во средата изјави дека ќе го искористи договорот за прекин на огнот во Газа како поттик за проширување на тн Абрахамовите договори, потпишани по негова иницијатива и со поддршка на Вашигтон за време на неговиот прв мандат, со кој се нормализираа односите на Израел со неколку арапски земји.
Преговарачите постигнаа постепен договор во средата за ставање крај на војната во палестинската енклава Појасот Газа меѓу Израел и Хамас по 15 месеци конфликт во кој загинаа десетици илјади Палестинци и ги разгоре тензиите на Блискиот исток.
Договорот вклучува постепено ослободување на заложниците заробени од милитантите предводени од Хамас за време на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, во замена за Палестинците држени во израелските затвори.
Трамп, кој постојано се закануваше дека ќе има „голема неволја“ доколку заложниците не бидат ослободени пред неговата инаугурација на 20 јануари, рече дека е „одушевен што американските и израелските заложници ќе се вратат дома“.
„Сега кога е постигнат договор, мојот тим за национална безбедност, предводен од специјалниот пратеник за Блискиот исток, Стив Виткоф, ќе продолжи тесно да соработува со Израел и нашите сојузници за да се осигура дека Газа повеќе НИКОГАШ да не стане безбедно засолниште за терористите“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Додава дека ќе го искористи прекинот на огнот за проширување на Абрахамовите договори, која ги нормализираше врските на Израел со Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Мароко и Судан.