
Американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини во неделата Европската унија не се однесува во трговијата подобро од Кина и оти со своите трговски методи на САД им нанесуваат исто толкави штети.
„Европската унија прави веројатно подеднакво штети како и Кина, само што е помала. Европејците минатата година имале трговски суфицит (со САД) од 151 милијарда долари, а освен тоа ние трошиме цело богатство на НАТО да ги заштитиме. Страшно е тоа што ни го прават. Сите на некој начин ја сакаме Европската унија, но тие земји со нас лошо и неправедно постапуваат“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп меѓу другото во разговорот за телевизиската мрежа Fox News.
Трамп ја оправда својата одлука за воведување царини на челикот и на алуминиумот на трговските партнери на САД. „Доколку не ги применуваме за сите, тогаш земјите производители преку други земји би ги избегнувале царините и тука би губеле многу време“, додаде американскиот претседател.
Истакна истовремено дека „ја сака Европската унија“. „Моите родители се родени во Европската унија, пред да биде (…) Јас ги сакам сите тие земји – Германија, Шкотска“, рече Трамп. Во Шкотска, којашто инаку самата не е членка на ЕУ туку е дел од Обединетото Кралство коешто до крајот на март 2019 година ќе ја напушти ЕУ, е родена неговата мајка, Мери Ен. Таткото на американскиот претседател, Фред Трамп, пак е роден во Њујорк, но има германско потекло.
„… Но погледнете ја ситуацијата со автомобилите. Тие ни ги испраќаат ‘мерцедесите’, а ние не можеме да им испратиме автомобили. Европејците не ги сакаат нашите земјоделски производи. Искрено, тие имаат своите земјоделци и сакаат да ги заштитат. А ние не ги штитиме нашите… ‘, рече Трамп.
Американскиот претседател со месеци наназад води офанзива на сите трговски сфери против Кина којашто, како и претходните американски претседатели, ја обвинува за кражба на интелектуалната сопственост, но и против ЕУ и Канада.
Трамп во истото интервју повторно истакна дека на европските компании коишто ќе продолќат да работата со Иран, ќе им бидат воведени санкции.