Трамп ги известил блискоисточните лидери за намерата амбасадата да ја пресели во Ерусалим

Американскиот претседател Доналд Трамп им кажал на челниците на земјите сојузници на Блискиот исток дека има намера да ја пресели амбасадата на САД во Израел од Тел Авив во Ерусалим, пренесуваат агенциите, а овој потег најверојатно ќе предизвика нови тензии во регионот.

За ваквата намера американскиот претседател Доналд Трамп го известил претседателот на Палестинската самоуправа, Михмуд Абас, а потоа и јорданскиот крал Абдула, како и египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси.

Како што јави палестинската новинска агенција Wafa, Трамп „го информирал претседателот (Абас) за својата намера да ја пресели американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим“.

Портпаролот на палестинскиот претседател, Абу Рудеина, кого го цитира Wafa, рекол дека претседателот Абас предупредил на „тешките последици од оваа одлика врз мировниот процес, безбедноста и стабилноста во регионот и во светот“.

Абас веднаш побарал од поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциск и од претседателите на Русија, Франција и Јордан, да интервенираат за ваквата одлука да не биде спроведена.

Кремљ објави дека рускиот претседател Владимир Путин го повикал телефонски Абас за да му соопшти дека Москва го поддржува обновувањето на преговорите меѓу Израел и палестинските власти, вклучително и за прашањето за иднината на Ерусалим, кој и двете страни го гледаат како престолнина на своите држави при решението со „две држави“.

На опасните последици од ваквата одлука на Трамп врз стабилноста и безбедноста во регионот предупредил и јорданскиот монарх, се вели во соопштението на палатата во Аман.

Се додава дека одлуката негативно ќе влијае и врз американските напори да се обноват арапско-израелски мировни преговори, а и се излегува од рамките на „глобалното решение коешто би овозможило создавање независна палестинска држава со источен Ерусалим како главен град“.

Таквата одлука би можела „да ги запали“ и муслиманските и христијанските чувства, се додава во пораката од јорданскиот крал Абдула.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси изјавил дека нема потреба да се комплицираат работите на Блискиот исток, се вели во соопштението од неговиот кабинет. Се додава дека ал-Сиси го предупредил Трамп да не презема никакви мерки коишто би ги поткопале шансите за мир на Блискиот исток.

Ирак се противи на тоа САД да го признаат Ерусалим како главен град на Израел и да ја преселат својата амбасада, изјави премиерот Хајдер ал-Абади, предупредувајќи дека таквата одлука ќе има негативно влијание на стабилноста на Блискиот исток.

„Ирачката влада ја прими оваа вест со најголема загриженост и предупредува на влијанието на оваа одлука врз стабилноста на регионот и светот“, се вели во соопштението од Багдад.

Американската поддршка на израелските барања целиот Ерусалим да биде главен град на еврејската држава претставува прекинување на долгогодишната американска практика по којашто статусот на овој град треба да се одлучи во преговорите со Палестинците кои го сакаат источен Ерусалим за главен град на нивната идна држава. Меѓународната заедница не го признава израелскиот суверенитет над целиот Свет град, сметајќи го источен Ерусалим за окупирана палестинска територија од Израел во војната од 1967 година.
Американскиот Конгрес во 1995 година изгласа закон со кој Ерусалим го нарекува главен град на Израел и одредува дека тој не смее да биде поделен. Меѓутоа, досега и републиканските и демократските претседатели откако доаѓаа на власт ги користеа своите овластувања за да ја задржат американската амбасада во Тел Авив и ги поткрепуваа преговорите за Ерусалим меѓу Израел и Палестинците.

Од преземањето на претседателската должност во јануари, Доналд Трамп покажуваше знаци на одложување на ветувањето од својата претседателска кампања кога критикувајќи ја политиката на администрацијата на својот претходник Барак Обама кон стратешкиот сојузник Израел, меѓу другото рече дека ќе ја дислоцира амбасадата на САД во оваа земја од Тел Авив во Ерусалим, спротивно на желбите на Палестинците и поголемиот дел од меѓународната јавност, истовремено ветувајќи дека ќе стори сé што е потребно да се постигне блискоисточниот мировен договор.