Трамп ги коментираше извештаите за кинески обид за крадење податоци во врска со Covid-19

Соединетите држави внимателно ја следат ситуацијата со наводниот обид на кинески хакери да украдат податоци за развој на вакцина против новиот тип коронавирус, изјави за новинарите во понеделникот американскиот претседател Донал Трамп.

„Тоа не е ништо ново. Вие сега ми кажувате дека се обидуваат да нѐ хакираат. Јас велам: ништо ново. Со големо внимание го следиме тоа“, изјави Трамп.

Весникот The New York Times, повикувајќи се на своите извори, претходно објави дека Федералното биро за истраги (FBI) и американското Министерство за внатрешна безбедност подготвуваат да издадат предупредување дека кинески хакери и шпиони се обидуваат да украдат материјали за истражувањата на американските научници насочени кон развој на вакцина против коронавирусот.

Според написот, во нацрт-верзијата на документот се наведува дека Кина се стреми „на нелегални начини“ да добие „вредни информации од интелектуална сопственост и податоци за заштита на здравјето, поврзани со вакцините, методите на лекување и тестирањата“. Се истакнува, исто така, дека станува збор за кражба на информации преку кибернетички мрежни напади, како и дејствија на „нетрадиционални субјекти“, под што се подразбираа истражувачи коишто се вклучени, според американската администрација, во кражба на податоци од американските лаборатории.

Американските власти, вклучетелно и самиот претседател Трамп, редовно ја обвинуваат Кина дека во најмала рака ненавремено го известила светот за новиот короанвирус чиешто ширење не го ограничила, за прикривање на податоците и ненаверемена реакција. Кинеските власти, пак, возвраќаат дека од самиот почетокот на пандемијата одржувале транспарента и одговорна позиција во однос на објавувањето на податоците за епидемијата на заразата со коронавирусот.