Американскиот претседател Доналд Трамп и натаму не се согласува со мислењата дека наводно Русија се обидела да се вмеша во американските претседателски избори во ноември 2016 година за да му помогне, но посочи дека блиските соработници од кампањата на неговата ривалка од Демократската партија, Хилари Клинтон имале деловни врски во Русија.
Во интервјуто за американската телевизиска мрежа CBS News во неделата вечерта, претседателот Доналд Трамп беше прашан дали смета оти не се вистинити тврдењата дека Русија се обидела да влијае врз изборниот систем во САД, при што одговори дека не ги знае тие податоци.
„Јас не знам… Треба да дознаеме што точно се случило“, одговори Трамп. Укажа притоа дека директорот на кампањата на неговата ривалка Хилари Клинтон, Џон Подеста и неговиот брат „имаат компанија во Русија“.
„Сопругот на Хилари (поранешниот американски претседател Бил Клинтон – з.р.) за хонорари држи говори во Русија. Хилари (како државен секретар од 2009 до 2013 –з.р) потпиша договор за ураниумот со Русија. Никој не зборува за тоа“, продолжи Трамп.
Во продолжение истакна дека Подеста не му дозволил на Федералното биро за истраги (FBI) да ги провери серверите на Националниот комитет на Демократската партија коишто наводно биле подвргнати на руски хакерски напади, „како што тоа вообичаено се прави“.
„Второ, што се однесува до хакирањето, ако не ги фатите хакерите на дело, тогаш многу е тешко да се докаже кој стои зад упадот“, рече Трамп.
Притоа не ја исклучи можноста дека странски хакери можеле да интервенираат во предизборниот процес. „Со тоа можеле да се занимаваат бројни различни групи“, констатираше американскиот претседател.
Трамп уште еднаш уверуваше дека Русите „немале никакви односи“ со него и неговиот тим, и оти „секој тоа го знае“.
„Дури и моите противници во ваша емисија рекоа ‘Ние не откривме никакви нарушување од страна на кампањата на Трамп’. Самата концепција (за врски со) Русија со нас, е апсолутна лага“, истакна претседателот на САД.