Американскиот претседател Доналд Трамп најави во средата дека ќе ги укине санкциите воведени за Турција поради нејзината воена операција против Курдите во североисточна Сирија, откако Анкара ветила дека прекинот на огнот во ткн „безбедна зона“ ќе го направи траен.
Минатата седмица САД наметнаа санкции за тројца турски функционери и две министерства, како одговор на турската воена операција „Извор на мирот“ која започна на 9-ти октомври против силите на сириските Курди кои беа американски сојузници во копнените операции против џихадистичката организација Исламска држава.
Турција во вторникот вечерта објави дека нема да ја продолжи операцијата против курдските сили на северот од Сирија, по договорот со Русија, според кој тие ќе се повлечат од пограничните области.
„Го повикав министерот за финансии да ги укине сите санкции наметнати на 14-ти октомври како одговор на офанзивата на Турција“, рекол американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, пренесуваат агенциите.
„Во текот на петте дена видовме дека прекинот на огнот за кој ние зворувавме на сириската граница се одржува, и се одржува многу добро, подобро од сите очекувања. Утрово владата на Турција ја информираше мојата администрација дека тие ги запираат борбените дејствија и офанзивата во Сирија“, изјавил американскиот претседател во специјалната изјава по повод укинувањето на санкциите за Анкара.
Трамп додал дека сите санкции ќе бидат укинати, „освен доколку не се случии нешто што нема да нѐ израдува“. „Го задржуваме правото повторно да воведеме санкции, вклучително и значително зголемување на царините за челикот и сите други стоки од Турција“, појаснил американскиот челник.
Американското министерство за финансии ги исклучило од списокот за санкции турските министерства за одбрана и за енергетика, челниците на овие ресори Хулуси Акар и Фатих Донмез, како и заменикот на претседателот на владејачката партија Правда и развој (AKP), Сулејман Сојлу.
Според Трамп, токму САД го договориле со Анкара петдневното примирје, кое им овозможило на Курдите мирно да ја напуштат границата со Турција.
„Тоа беше резултат, кој го постигнавме ние, САД а не некој друг, ниту една друга земја“, додал Трамп. Истакнал дека благодарение на напорите на САД се успеало да се „спасат животите на многу Курди“.
Американскиот челник нагласил дека командантот на арапско-курдската коалиција Сириски демократски сили (SDF), генералот Мазлум Абди, во телефонски разговор му изразил голема благодарност за ангажманот на САД.
Трамп, исто така, рекол дека мал број американски трупи ќе останат во нафтоносните региони на Сирија.
„Ние ја осигуравме безбедноста на (изворите на) нафтата, и затоа мал број војнции од американскиот контенгент ќе останат во областите каде што има нафта. Ќе останеме да ги заштитиме и ќе решиме што ќе правиме со нив во иднина“, појаснил Трамп за операцијата на американските војски која Русија ја осуди како „окупација“ на сириска територија.
Трамп додал и дека „Земјите од регионот мора да ја преземат одговорноста и да им помогнат на Турција и на Сирија да ја обезбедат својата граница“.