Американскиот претседател Донадл Трамп жестоко во саботата ја критикуваше одлуката на интернет гигантите да ги суспендираат активностите на американските десни конзервативци на социјалните мрежи, оценувајќи дека станува збор за дискриминација, и обвинувајќи две големи телевизии дека се „болни“.
Американскиот претседател не споменува конкретно никој, но овие коментари следат откако интернет гигантите мината седмица започнаа офанзива протви приврзаникот на теориите на заговорот и претставник на крајната десница Алекс Џонс, кому му е забрането користење на мрежите Facebook и Spotify, а Twitter исто така во вторникот на една седмица го ограничи неговиот профил.
„Социјалните мрежи апсолутно ги дискриминираат гласовите на републканците/конзервативците“, напиша претседателот на САД, Доналд Трамп, на Twitter, ветувајќи дека неговата влада тоа нема да го дозволи, но не наведува кои мерки би биле преземени.
„Тие го замолчуваат многуте десничари, додека истовремено не прават ништо против другите… Цензурата е нешто многу опасно и апсолутно е невозможна за надзор… Ништо не е толку лажно како CNN и MSNBC, но сепак не барам да се укине нивното болно однесување… Нека учествуваат сите, и добрите и лошите“, истакнува Трамп.
Големите интернетски компании како Facebook, YouTube, Apple и Spotify ја отстранија минатата седмица содржината којашто ја објавува Алекс Џонс, кој е познат како поборник на теориите на заговорот против луѓето, со образложение дека „станува збор за говор на омраза“.
Основачот на интернет страницата InfoWars, Алекс Џонс, со своите ставови е близок на крајната десница, или суверенистите, а стана познат ширум светот по изјавите и теориите за заговор во врска со масакрот на дечињата во основното училоште Сенди Хук во 2012 година.
Џонс повеќепати по овој масакр, кој адолесцентот Адам Ланца го изврши во основното училиште во сојузната држава Конектикат и во кој се убиени 26 луѓе, од кои 20 деца на возраст од 6 до 10 години, изјавуваше дека злосторството било исценирано. Смета дека родителите на децата убиени во пукањето всушност се актери платени да одиграат една улога. Повеќе семејства подигнаа тужби против него, обвинувајќи го дека таквите теории ги шири за да ги зголеми својот аудиториум и приходите. Но досега нема информации за ниедна пресуда против него.
Овој 44-годишен жител на државата Тексас изнесува и многу други теории на заговор, како и онаа дека американската влада го нарачала и помагала терористичкиот чин од 11-ти септември 2001 година. Во 2015 година, како кандидат за претседателската номинација на Републиканската партија, Доналд Трамп учествуваше во емисијата на Алекс Џонс кој му даде поддршка за претседателските избори.