
Најверојатниот кандидат на Демократската партија на американскиот претседателски избори на 3-ти ноември, поранешниот потпретседател Џо Бајден, има тесно водство против кандидатот на Републиканската партија, актуелниот претседател Доналд Трамп, но приврзаниците на демократот покажуваат помалку ентузијазам отколку оние кои го поддржуваат републиканскиот кандидат.
Најновото истражување на јавното мислење спроведено за телевизиската мрежа ABC News и дневниот весник The Washington Post, чиишто резултати во неделата ги пренесува германската новинска агенција DPA, покажуваат дека Џо Бајден е во водство пред Доналд Трамп со 49 наспроти 47 отсто.
Меѓутоа, Трамп значително ја намалил разликата од анкетата во февраури, кога Бајден водеше со 52 наспроти 45 отсто.
Интересно е што меѓу демократските гласачи на Бајден, само 24 отсто покажуваат елан и страст за својот кандидат. Агенцијата забележува дека не е јасно дали ентузијазмот на приврзаниците е клучен за успехот на кандидатот на изборите, но потенцира дека во минатото кандидатите на кои им недостигала страст на нивното избирачко тело не успеале да победат на изборите.
Кога станува збор за економијата, пак, 57 отсто од испитаниците го поддржуваат начинот на кој Трамп ја води оваа сфера, а актуелниот претседател води пред Бајден и кога станува збор и за тоа кој подобро би ја водел американската економија.
Трамп и Бајден се израмнети во одговорите на прашањето кој подобро би управувал во кризата со коронавирусот, но Бајден е подобар по прашањето на вкупното управување со здравтството.
Анкетата спроведен минатата седмица, исто така, покажува дека Бајден и натаму е во водство пред својот демократски противкандидат Берни Сандерс, во моментот кога предизборите се целосно пореметени со коронакризата.