Американскиот претседател Доналд Трамп јавно го критикуваше главниот експерт за заразни болести во неговата администрација Ентони Фаучи истакнувајќи дека САД се во „добра состојба“ и нема намера да ги слуша неговите експерти, објави Гардијан.
„Не се согласувам со него. Доктор Фаучи прво рече да не носиме маски, а сега повикува да ги носиме. И вие знаете, тој кажа многу работи – да не ja затвораме Кина, да не воведуваме забрана. Но, јас сепак го направив тоа. Не ги послушав моите експерти и воведов Кина“, рече Трамп во интревју на Греј ТВ.
Изјавата на Трамп е во услови кога бројот на заразени со новиот коронавирус во САД надмина три милиони луѓе, и е регистриран втор дневен рекорд од повеќе од 60 000 заразени, а Фаучи на почетокот од неделава рече дека САД се „заглавени во првиот бран“ на пандемијата.
На почетокот на кризата, Фаучи редовно ја известуваше американската јавност за состојбата со коронавирусот, но поради тензиите со Трамп, експертот престана да се појавува во медиумите.
Повеќето високи функционери на републиканците и службеници советуваат да се носат маски. Но, Трамп одбива да носи маска на јавни места и ги советува Американците да го прават истото.
Голем број сојузни држави во јужниот дел на САД регистрираа рекордно зголемување на бројот на заразени со коронавирусот во последните неколку недели од олеснувањето на мерките кон крајот на мај.
Сепак, Трамп вели дека во следните две до четири недели „мисли дека САД ќе бидат во многу добра форма“. Тој претходно неколку пати рече дека вирусот едноставно ќе исчезне и оти 99 проценти од случаите не се опасни.