Трамп го нарече Болтон „здодевна будала“ која сака да војува

Претседателот на САД Доналд Трамп денеска во низа од твитови отвори фронтален напад против неговиот поранешен советник за национална безбедност, Џон Болтон, откако во неговата нова книга тој го опишува претседателот како „недоследен“ и „неверојатно неинформиран“ лидер.

Книгата на Болтон е насловена „Собата каде што се случи тоа“, и за Трамп тоа е „компилација од лаги и измислени приказни, со цел да бидам претставен во лоша светлина“.

Истакна дека „многу од овие апсурдни изјави, кои тој ми ги припишува мене, никогаш не биле направени, чиста измислица“, напиша Трамп, додавајќи дека Болтон е „незадоволна и здодевна будала, која сакаше само да војува“.

Трамп истакна дека на почетокот на 17-месечната позиција на Болтон во Белата куќа, во 2018 година, но и во 2019 година, тој размислувал да го разреши. Една од причините биле „глупавите“ коментарите на Болтон за Северна Кореја, со што се усложниле преговорите со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Во книгата се вели дека Трамп барал од кинескиот претседател Кси Џинпинг да му помогне да победи на изборите, мислел дека Финска е дел од Русија, и не бил свесен оти Британија поседува нуклеарно оружје. Во центарот е и сагата со украинскиот претседател Володомир Зеленски и истрагата за импичмент отворена од Конгресот.

Белата куќа се обидува со судска наредба да ја стопира промоцијата на  книгата на Болтон закажана за вторник идната дедела. Оттаму сметаат дека таа содржи доверливи информации за националната безбедност, кои треба да се чуваат во тајност, иако веќе неколку медиуми обезбедија копии од книгата, и информираат за неа.

Но и критичарите на Трамп бараа Болтон, наместо да издава книга, за која добил авторски надомест од два милиони долари, да се појави на сослушувањата за импичмент на претседаетлот и да го каже сето ова пред јавноста.

Портпаролката Кејли Мекинани, рече дека одлуката на Болтон да ја објави оваа книга е за презир.