Најсериозниот кандидат на Републиканската партија за нов американски претседател, Доналд Трамп, синоќа повторно го пофали поранешниот ирачки претседател, Садам Хусеин, изјавувајќи дека тој „сосема добро“ убивал терористи.
– Садам Хусеин бил лошо момче, зарем не? Но знаете што работел добро? Убивал терористи. Тоа го правел сосема добро, рече Трамп на собирот во Северна Каролина.
„Тој не ги апсел и не им ги читал нивните права. Тие биле терористи, готово“, рече американскиот милијардер.
Трамп претходно изјави дека светот би бил „сто отсто подобар“ доколку диктаторите, како Хусеин или либискиот лидер Моамер ал-Гадафи и натаму беа на власт.
Џејк Саливен, политички советник на соперничката на Трамп од редовите на Демократската партија Хилари Клинтон, изјави дека „фалењето на бруталните диктатори од страна на Трамп, се чини, не познава граници“.