По неколкуте седмици протести ширум САД по полициското убиство на афроамериканецот Џорџ Флојд, американскиот претседател Доналд Трамп ја потпиша во вторникот извршната уредба за реформи во полицијата, а една од клучните точки во документот е носењето построги прописи за употребата на сила од страна на службениците на агенциите за спроведување на законот.
Претседателот Трамп имаше приватна средба со семејствата на неколку црни Американци убиени во акти на полициска бруталност, пред церемонијата на потпишување на указот, кога рече дека е многу тажен поради загубените животи и уништените семејства. Но притоа и истакна дека треба да се почитуваат и поддржуваат „храбрите мажи и жени во сино кои ги чистат нашите улици и нѐ чуваат сигурни“.
Во указот, чиешто потпишување во Розовата градина во Белата куќа го пренесуваа главните телевизиски мрежи, приоритет се дава на распределбата федерални грантови за подготовка и обука на полициските службеници со цел да се охрабри меѓу нив користењето на практиките за мирно разрешување на конфликтите. Истовремено, надлежните органи ќе ги разгледуваат поплаките за прекумерна употреба на сила од страна на полицијата. Новите прописи траба и да ја подобрат размената на информации меѓу владините агенции, за да се исклучи ангажирање на лица во полицијата без целосна проверка на нивната биографија.
„Ова е голем чекор, кој досега не е преземен. Зафатите за совладување со гушење (chokeholds) ќе бидат забранети. Освен во случаите кога е загрозен животот на полицаецот“, рече Трамп.
Се предвидува, исто така, на полицајците да им помагаат социјални работници во делата кои не се поврзани со насилство, како наркоманијата, бездомништвото и психичките нарушувања. Целта е да се осигури добар однос и соработка меѓу службениците на агенциите за спроведување на законот со граѓаните ширум САД.
Соработка со Конгресот
Претседателот Трамп рече дека е подготвен да соработува со Конгресот за натамошната реформа на американската полиција.
„Посветен сум не само на сегашните чекори, туку и на соработка со Конгресот над дополнителните мерки (во реформите на полицијата). Конгресот веќе започна (изработка на вакви мерки). Предлог-законите ќе бидат разработени во Сенатот и, можеби, во Претставничкиот дом. Да се надеваме дека тие (горниот и долниот дом на американскиот парламент) ќе постигнат договор и ќе подготват решение коешто ќе биде уште поголемо од ова што го потпишавме денеска“, рече Трамп.
Притоа истакна дека сѐ уште „категорично“ се противи на кратењето на буџетот за полициските служби и расформирањето на некои полициски оддели на теренот, на што инсистираат значителен дел од либералните кругови во САД.
„Остро се спротиставувам на радикалните и опасни напори насочени кон лишувањето од финансирање на нашите полициски управи и нивното расформирање. Особено сега, кога ги достигнавме најниските стапки на криминал последните години“, изјави Трамп.
Според него, „законот и редот треба да бидат воспоставени во поглема мера во целата земја“, имајќи ги предвид недоамнешните безредија и немири кои ги зафатија САД а ги придружуваа протестите против расизмот во американското општество и особено во полицијата, како и полициската бруталност.
„Вашата федерална влада е подготвена и може да помогне во тоа“, уверува Трамп.
Предупреди дека сојузниот центар нема намера да толерира случаи кога ситуацијата ќе излезе од контролата на локалните власти.
„Повеќе нема да има грабежи и подметнување пожари. И казните за оние што ќе бидат фатени ќе бидат многу строги. Насилството и уништувањето нема да бидат дозволувани. Ние не можеме да го допуштиме тоа“, истакна Трамп.
„Американците сакаат закон и ред. Тие бараат закон и ред. Тие можеби не го кажуваат тоа. Тие, можеби, за тоа не зборуваат, но тие го сакаат тоа. Некои од нив дури и не знаат дека тоа го сакаат. Но, тие го сакаат тоа“, убеден е Трамп.
Споед него, „она што е потребно сега не е да се разгоруваат стравовите и да се продлабочуваат разидувањата“. „Ние треба да ги приближиме агенциите за спроведување на законот и заедниците, а не да ги раздвојувама“, додаде американскиот претседател.
И претходно Трамп изјавуваше дека американските нема да ја расформираат полицијата и да го кратат нејзиното финансирање. Повиците за намалувањето на финансиите за полицијата често беа слушани во текот на повеќенеделните протести поради полициското убиство на афроамериканецот Џорџ Флојд во Миенаполис на 25-ти мај, како од демонстрантите, така и од активистичките групи и од локални функционери од Демократската партија.
Демократите во Конгресот претставија предлог-закон кој предвидува масивна реформа во полицијата, како одговор на протестите и безредијата во САД. И според оваа иницијатива, им се забранува на полициските службеници да ги применуваат техниките за притусок во пределот на вратот, се создава националба база на податоци за следење на постапките на полицајците, а исто така се забранува издавање налог во некои случаи со кој им се овозможува на полицајците без предупредување да влезат во дом. Во рамките на предложената реформа, се зголемува одговорноста на полициските службеници, вклучително и за акти на насилство и самоволно однесување кон осомничени лица.