Трамп го потврди изборот на специјалецот Мајк Волц за советник за национална безбедност, најави нов амбасадор во Израел

Повратникот на должноста претседател на САД, Доналд Трамп во вторникот го објави назначувањето на Мајк Волц, републиканец кој ја претставува сојузна држава Флорида во Претставничкиот дом, на стратешката позиција советник за национална безбедност, а најави и нов амбасадор во Израел.

По неговата убедлива победа, новоизбраниот претседател Трамп веќе го средува персоналот на неговата администрација, која ќе ја преземе во јануари.

Во соопштението за печатот се опишува поранешниот војник во специјалните сили како „експерт за заканите од Кина, Русија, Иран и глобалниот тероризам“. Исто така, се вели дека е „силен поддржувач на политиката на Америка на прво место“.

„Чест ми е да објавам дека пратеникот Мајк Волц е именуван за советник за национална безбедност во мојот кабинет“, се вели во соопштението на Доналд Трамп.

Педесетгодишниот Волц е член на три стратешки комитети на Конгресот, за војската, за надворешни работи и за разузнавање. Заедно со Марко Рубио, кој се очекува да го преземе кормилото на дипломатијата, тој ќе биде архитект на надворешната политика на Доналд Трамп, кој вети дека ќе стави крај на војните во Украина и на Блискиот исток

Трамп, исто така, рече дека ќе го номинира поранешниот гувернер на сојузната држава Арканзас, Мајк Хакаби за американски амбасадор во Израел.

Шеесет идеветгодишниот Хакаби е цврст поддржувач на Израел кој го оправдува проширувањето на израелските населби на окупираниот Западен брег, што поголемиот дел од меѓународната заедница го смета за нелегално.

„Тој го сака Израел и народот на Израел, исто како што народот на Израел го сака него. Тој ќе работи неуморно за да донесе мир на Блискиот исток!“, се вели во соопштението на Трамп.

Хакаби го критикуваше претседателот Џо Бајден за притисокот врз Израел да го намали своето однесување во војната во Газа.

Неговата ќерка Сара Хакаби Сандерс е актуелен гувернер на Арканзас. Таа беше и порртпаролка на Трамп во Белата куќа од 2017 до 2019 година.