Трамп го предупреди Асад дека не смее „безобѕирно“ да го нападне Идлиб

Претседателот на САД Доналд Трамп му порача на сирискиот претседател Башар ал Асад да не ја напаѓа покраината Идлиб, а Русија и Иран ги предупреди дека нивното учество во „оваа потенцијална човечка трагедија“ би била „тешка хуманитарна грешка“.

Претседателот на Сирија Башар ал Асад не смее да помисли да изврши безобѕирен напад врз покраината Идлиб. Русите и Иранците би направиле тешка хуманитарна грешка со учеството во оваа потенцијална човечка трагедија. Стотици илјади луѓе би можеле да бидат убиени. Не дозволувајте тоа да се случи!, истакна Трамп на Твитер.

Иранскиот министер за надворешни работи Мухамед Џавад Зариф изјави вчера дека екстремистите мора да бидат „исчистени“ од Идлиб, додека шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров порача дека сириската влада ги има сите права да ги „збрише“ екстремистите во таа покраина на северот на Сирија, пренесува Ројтерс.

Иранската агенција Фарс објави дека Зариф на почетокот на посетата на Дамаск кажал дека „целосната сириска територија мора да биде зачувана“.

И преостанатите терористи во Идлиб мора да бидат исчистени и регионот мора да биде вратен под контрола на сирискиот народ, кажа Зариф.

Ројтерс потсетува дека иранските сили го поддржуваат сирискиот претседател Башар ал Асад во граѓанската војна која трае во таа земја.

Руските агенции објавија дека Лавров во говор пред студенти во Москва кажал дека „ситуацијата во сириската бунтовничка покраина Идлиб не може да се толерира во недоглед“.