Американскиот претседател Доналд Трамп го предложи планот за намалување на даночните стапки за компаниите и на прекуморските профити вратени во САД, што беше поздравено од републиканците во Конгресот.
Покрај тоа, американскиот претседател Доналд Трамп, планира и зголемување на стандардните одбитоци за поединци, да го укине данокот на наследство за недвижнини да ги поедностави даночните пријави, а неговата администрација овој нацрт закон го прогласи за клучен потег пред одбележувањето на 100-те дена од мандатот на 45-от претседател на САД.
Иако републиканците подолго време го заговараат намалувањето на даноците а нивната партија ги контролира и Претставничкиот дом и Сенатот, со предлогот на Трамп би можеле да бидат незадоволни фискалните експерти во нивните редови, пишуваат медиумите. Нацрт законот не открива како ќе се надоместат парите загубени од намалувањето на даноците, а тоа може да доведе до зголемување на државниот долг за милијарди долари, сметаат критичарите.
Планот во средата во Белата куќа го претставија министерот за финансии Стив Мначин и економскиот советник на претседателот Гери Кон. Министерот предлогот го претстави како „темелни принципи“ на коишто ќе се работи во Конгресот додека не се направи закон за усвојување.
„Нашата цел е да ги направиме американските компании најконкурентни на светот. Претседателот е решителен да го ослободи економскиот раст за фирмите“, рече Мначин.