Трамп го притиска Египет да прими Палестинци од Газа

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговарал со египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси за неговиот предлог да се преселат Палестинците од Газа во соседните земји додека Појасот се обновува.

„Би сакал да ги натерам да живеат во област каде што можат да живеат без пречки и насилство“, рече Трамп.

„Кога ќе го погледнете Појасот Газа, во него беше ужас толку многу години… Имаше различни цивилизации на тој појас. Ужасот не започна сега, овде. Почна илјадници години пред тоа, и секогаш имало насилства. Може да се натераат луѓето да живеат во области кои се многу побезбедни и можеби многу подобри“, рече тој.

Трамп рече дека се надева дека египетскиот претседател ќе се согласи да ги прими жителите на Газа. Како што дополни, Соединетите Држави му пружиле на Египет многу помош и сигурен е дека Ел Сиси, кого го нарече пријател, може да помогне. „Тоа е тешко соседство, но мислам дека тој може да го направи тоа“, рече Трамп.

Тој, исто така, рече дека со израелскиот премиерот Бенјамин Нетанјаху ќе разговара за ова прашање, како и за создавањето на „две држави“ како решение за блискоисточниот конфликт.
Нетанјаху ќе се сретне со Трамп следната недела во Белата куќа.

Во саботата, Трамп рече дека Јордан и Египет треба да земат најголем дел од Палестинци од Газа и за тоа разговарал со јорданскиот крал Абдула.

„Му реков дека би сакал да преземе повеќе Палестинци затоа што во моментов го гледам целиот појас Газа и тоа е хаос, вистински хаос“.