Трамп го распушти специјалниот тим за битката против ковид-19

Претседателот на САД, Доналд Трамп потврди дека специјалниот тим на Белата куќа формиран за битката со ковид-19, полека ќе престане со операциите, а потпретседателот Мајк Пенс кој го предводи тимот најави дека тој може да биде распуштен за неколку недели.

– Ја враќаме нашата земја – рече Трамп синоќа кога ја посети фабриката за производство на маски во Феникс, Аризона, објави „ВВС“.

Трамп рече дека Мајк Пенс и тимот направиле одлична работа, но сега тие разгледуваат малку поинаква форма, што е форма на безбедност и отворање и дека за тоа најверојатно ќе се формира друга група.

Претседателот, кој носеше заштитни очила, но не и маска додека ја обиколуваше фабриката, одговори кога го прашаа дали тоа значи дека мисијата е завршена.

– Воопшто не е. Мисијата ќе биде завршена кога ќе биде готова – рече тој.

Признавајќи дека ќе има човечки цени за тие планови за отворање, Трамп им порача на новинарите да не кажат дека сè е совршено и дека некои луѓе ќе бидат погодени, но дека треба да ја отворат земјата и да ја отворат многу брзо.

Некои држави имаат одлучено како во јули ќе отворат. Специјалниот тим за коронавирусот е основан на 29 јануари, а четири недели подоцна на негово чело е поставен потпретседателот на САД, Мајк Пенс.

Во неговиот состав се повеќе од 20 експерти и водечки претставници на американската администрација.

Белата куќа изјави дека задачата на тимот е да ги води напорите на администрацијата за контрола, сузбивање, намалување на ширењето на вирусот и давање информации за јавноста.