Трамп го укина мораториумот на дозволите за нови проекти за извоз LNG

Новиот американски претседател Доналд Трамп во понеделникот веќе го укина мораториумот за издавање дозволи за нови проекти за извоз на течен природен гас (LNG), што укажува дека има намера да го зголеми производството и извозот на енергетскиот производ ширум светот.

Пред речиси една година, кабинетот на сега веќе поранешниот американски претседател Џо Бајден го суспендираше издавањето на дозволите, а Министерството за енергетика најави анализа за влијанието на проектите за гас врз економијата и животната средина.

Мораториумот предизвика загриженост во Европа, бидејќи САД сега се меѓу главните добавувачи, заедно со Норвешка и Катар но по неколкукратно повисоки цени на енергенсот, откако на сила во 2022 година стапија антируските санкции поради војната во Украина.

На првиот ден од неговиот нов мандат, Трамп со извршна наредба го укина мораториумот и најави зголемено производство и извоз на нафта и гас во земјите ширум светот.

Од 2018 година, САД тројно го зголемија својот извозен капацитет и во 2023 година заседна на врвот на светските извозници на течен гас благодарение на бумот во производството на гас од шкрилци.

Министерството за енергетика минатата недела процени дека цените на гасот на домашниот пазар треба да се зголемат, бидејќи побарувачката поттикната од извозот на LNG треба да расте посилно од производството.

Вкупното производство на гас во САД се очекува да порасне за 1,7 отсто во 2025 година, откако речиси стагнираше во 2024 година, според нивните проценки објавени минатиот вторник. Во 2026 година растот треба силно да се забрза, до 2,6 отсто, пресметаа тие.

Бруто извозот на гас ќе скокне за 13,7 отсто оваа година, по 1,5 отсто пораст во 2024 година. Во 2026 година растот би требало да забави само малку, на 11,3 отсто.

Во такви услови, цените на гасот на физичкиот пазар во гасниот центар Хенри Хаб, според нивните пресметки, треба да се зголемат за дури 43,2 отсто оваа година, по падот од 13,5 отсто во 2024 година. Следната година нивниот раст ќе забави на 26,6 проценти, пресметале тие.