Американскиот претседател Доналд Трамп го пофали во петокот состанокот на челниците на Северна и на Јужна Кореја, Ким Џонг-ун и Мун Џае-ин, признавајќи дека станува збор за историски сами, иако изрази дилеми околу тоа колку долго може да трае позитивната дипломатија.
„По налудничавите години на лансирање ракети и нуклеарни проби, сега се одржува историската средба меѓу Северна и Јужна Кореја. Се случуваат добри работи, но времето ќе покаже“, напиша Трамп на Twitter.
Американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун, според најавите веројатно ќе се сретнат кон крајот на мај или почетокот на јуни. Во четвртокот Белата куќа првпат ги објави фотографиите од средбата во Пјонгјанг со Ким на новиот државен секретар на САД, Мајк Помпео, кој за католичките велигденски празници, уште како шеф на разузнавањето тајно престојувал во севернокорејската престолнина на која биле договарани поединостите од евентуалниот американско-севернокорејски самит.
Севрноатлантската алијанса го поздравува историскиот самит на лидерите на Јужна Кореја и Народната демократска република Кореја, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на прес-конференцијата во Брисел по одржувањето на првата пленарна седница на министрите за надворешни работи на Алијансата во петокот.
„Јас лично увидов длабочина во оваа напрегнатост, па оттаму го поздравувам историскиот самит на двајцата челници“, рече Столтенберг. Според него НАТО целосно ги поддржува усилбите за политичко решение во регионот.
„Затоа е важен политичкиот, дипломатскиот и економскиот притисок. Обединетите нации беа во состојба да изгласаат построги санкции, коишто беа применувани повеќе од претходните. Јас сум уверен дека овој меѓународен притисок овозможи да се дојде до ситуацијата којашто ја имаме денеска“, истакна Столтенберг.
Во петокот рано утрото по македонско време во Панмунџом се одржа историската средба меѓу претседателот на Јужна Кореја, Мин Џае-ин и водачот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун. Средбата беше првата на највисоко ниво меѓу Југот и Северот по повеќе од десет години.
По средбата, челниците на двете земји ја потпишаа заедничката Панмуџомска декларација за мир, просперитет и обединување на Корејскиот полуостров. Сеул и Пјонгјанг потврдија дека нивната заедничка цел е денуклеаризација на Корејскиот полуостров, и оти постигнале договор за продолжување на активниот дијалог на највисоко ниво.