Трамп и од Сингапур го нападна Трудо: Чесната трговија е за будали ако не е реципрочна

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно во понеделникот утрото ги нападна западните сојузници со серија твитови од Сингапур каде што се подготвува за историскиот самит со севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун.

„Чесната трговијата треба да се нарече трговија за будали, доколку не е реципрочна“, објави американскиот претседател Доналд Трамп на Twitter.

„Според соопштението од Канада, на трговијата со САД заработуваат речиси 100 милијарди долари (сигурно се фалеле и се фатени на дело!). Минимално 17 милијарди. Им плаќаме царини на млечните производи по стапка од 270 отсто. Кога поради тоа ќе биде прозван, (премиерот) Џастин (Трудо) се навредува!“, појаснува натаму Трамп.

Германската новинска агенцијата DPA, забележува дека не е јасно на кое соопштение од Канада се повикува американскиот претседател. Според неа, податоците на бирот на американскиот трговски претставник, САД минатата 2017 година забележале вишок во размената на стоки и услуги со Канада од вкупно 8,4 милијарди долари.

Трамп не изостави и да ги нападне европските сојузници по расправиите на во саботата завршениот самит на седумте најразвиени земји на светот во канадски Квебек.

„САД го сносат речиси целиот трошок за заштитата на НАТО на истите оние земји коишто тогаш нé дерат во трговијата… Европската унија имала вишок од 151 милијарда долари – треба да плаќа многу повеќе за војската!“, порача на Twitter американскиот претседател.

Вербалната војна меѓу САД и неговите традиционални сојузници започна во саботата кога американскиот претседател на својот микроблог го нападна канадскиот премиер, домаќинот на самитот на Г7, и ја повлече поддршката од заедничката изјава откако Џастин Трудо најави противмерки на американските царини на увозот челик и алуминиум.

Помошниците на Трамп во неделата продолжија со нападите. Така, советникот за економија Лари Кудлоу го обвини канадскиот премиер дека на САД „им забил нож в грб“.

Франција, Германија и Канада констернирано реагираа на саботните твитови на Трамп. Париз порача дека меѓународната соработка „не може да се потпира на гнев и мали зборови“, а германската канцеларка ја нарече одлуката на американскиот претседател за повлекување на поддршката на заедничката изјава од самитот „отрезнувачка и депримирачка“.