Трамп има солидна предност пред Бајден

Поранешниот републикански претседател на САД, Доналд Трамп, има предност пред демократскиот претседател Џо Бајден од шест процентни поени, според најновата анкета на Ipsos објавена во четвртокот, која исто така покажува дека мнозинството Американци не сакаат нова изборна трка меѓу поранешниот и сегашниот претседател, што се чини сѐ поверојатна по победа на Трамп на прелиминарните избори во Њу Хемпшир.

Во истражувањето на 1.250 возрасни ширум САД, Трамп добил поддршка од 40 отсто од гласачите, а Бајден од 34 отсто. Останатите сѐ уште не одлучиле за кого ќе гласаат или дали воопшто ќе излезат на избори. Маргината на грешка е три процентни поена. Во претходната анкета на Ipsos од почетокот на месецот Трамп и Бајден беа изедначени, пишува агенцијата Reuters

Последното истражување на Ipsos, исто така, покажа дека околу 67 отсто од испитаниците не би сакале повторно да ги видат истите двајца кандидати во претседателската трка, дека „им е доста“ и од Трамп и од Бајден и дека би сакале да видат некои нови лица.

Сепак, само 18 отсто рекле дека воопшто нема да гласаат доколку нивниот избор се сведе на Бајден и Трамп.

Водството на Трамп од шест процентни поени било задржано и откако на испитаниците им биле понудени и останатите кандидати. Трамп собра поддршка од 36 отсто од гласачите, Бајден 30 отсто и Роберт Кенеди Џуниор 8 проценти.

Во истражувањето, 70 отсто од испитаниците, од кои половината се демократи, се согласиле со изјавата дека Бајден не треба да се кандидира за втор мандат, а 56 отсто од нив, од кои една третина се републиканци, истото го кажале и за Трамп.

Три четвртини од испитаниците веруваат дека Бајден е премногу стар за да ја извршува функцијата претседател. Половина од испитаниците го мислат истото за Трамп.

„Мнозинството Американци не сакаат реванш меѓу Бајден и Трамп. Првата партија што ќе го повлече својот 80-годишен кандидат ќе победи на изборите“, смета Ники Хејли, противкандидатката на Трамп на прелиминарните избори на Републиканската партија.

Но, анкетата покажува огромна предност на Трамп пред Хејли, 64 наспроти 19 проценти. Двајцата ќе се соочат во трката за републиканска номинација на 24-тифевруари во Јужна Каролина, каде Хејли беше гувернерка во периодот од 2011 до 2017 година.