Американски официјален претставник, пред закажаната средба меѓу израелскиот премиерот Бенјамин Нетанјаху и претседателот на САД Доналд Трамп во Белата куќа, изјави дека двајцата лидери ќе разговараат за „зачувување на договорите за прекин на огнот“ – очигледно мислејќи и на Газа и на Либан и нивната посветеност за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас.
„Трамп е фокусиран на извлекување на сите заложници и на обезбедување услови Хамас да не може да се врати да го контролира Појасот“, изјави изворот за Ројтерс. Тој додаде дека на средбата во вторник навечер, Трамп и Нетанјаху ќе разговараат и за втората фаза од договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците.
Во разговорите ќе се појави и можноста за нормализација со Саудиска Арабија, со проценки дека таквиот договор ќе биде дел од „пакетот за поттикнување“ што Трамп ќе му го понуди на Нетанјаху за да продолжи со втората фаза од договорот – што значи ослободување на сите преостанати заложници и крај на војната – и покрај политичкиот ризик за Нетанјаху.
„Се надеваме дека Абрахамскиот договор ќе се прошири и просперира“, рече американскиот функционер, мислејќи на мировните договори со Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Мароко кои беа потпишани за време на првиот мандат на Трамп. „Гледаме можност да внесеме повеќе земји во Авраамскиот договор“, додаде тој
Нетанјаху досега го одбиваше условот што го поставија Саудијците за договор за мир: обезбедување „политички хоризонт“ за Палестинците – т.е. одреден напредок, декларативен или практичен, во процесот на формирање палестинска држава. Израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич, исто така постави „црвена линија“ против ваквиот потег во понеделникот.
Американскиот функционер во вторникот попладне додаде дека Трамп сè уште инсистира на неговиот план за „преселување“ на стотици илјади жители на Газа, со цел да се овозможи реконструкција на Газа – процес за кој, според изворот, Трамп верува дека ќе бара помеѓу 10 и 15 години.
„Трамп смета дека е нечовечко да се принудуваат луѓето да живеат во област што не е погодна за живеење“, рече тој.