Доналд Трамп во четвртокот рече дека опстанокот на Украина е важен за Соединетите држави, што е промена на тонот неколку дена пред Претставничкиот дом на САД, предводен од републиканците, да гласа за пакетот воена помош од 61 милијарда долари за Украина, пренесуваат американските медиуми.
Поранешниот претседател не го поддржа пакетот и ги посвети повеќето од своите објави на неговата платформа Truth Social на поплаките дека европските сојузници на САД не трошат доволно за поддршка на Украина. Некои десничарски републиканци ја протолкуваа најавата како сигнал дека тој се противи на сегашниот пакет помош, иако Трамп експлицитно не го кажа тоа. Републиканците главно го блокираа пакетот голема воена помош за Изараел, Украина и Тајван условивајќи го со издвојување сума за зајакнување на американската граница кон Мексико преки која изминатите години во САД влегоа милиони нелегелни мигранти.
Сепак, објавата се чини дека е едно од првите признанија на Трамп дека опстанокот на Украина е важен безбедносен интерес на САД. Минатата година, на прашањето за конфликтот во интервју за CNN, Трамп одби да каже дали сака Украина да ја добие војната со Русија.
„Зошто Европа не може да даде толку пари колку што вложија Соединетите држави за да ѝ помогнат на една земја во очајната потреба? Како што сите се согласуваат, опстанокот и силата на Украина треба да ѝ бидат многу поважни на Европа отколку на нас, но тоа е исто така важно за нас! ПРИДВИЖИ СЕ ЕВРОПО!“, напиша тој во четвртокот.
Објавата на Трамп дојде еден ден откако тој ја пофали Полска, по средбата во „Trump Tower“ во Њујорк со полскиот претседател Анджеј Дуда. Поранешниот претседател и полскиот челник разговараа за предлогот на Дуда членките на НАТО да трошат најмалку 3 отсто од својот бруто домашен производ за одбрана, изјави претставник на кампањата. Во моментов од нив се бара да потрошат најмалку два отсто од БДП.
Републиканскиот претседател на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон, рече дека домот ќе гласа за пакетот помош за Украина во сабота, и покрај жестоките приговори од десното крило на неговата пратеничка група.