Трамп ја започнува тридневната посета на Британија со ручек со кралицата Елизабета

Американскиот претседател Доналд Трамп првиот ден од својата тридневна посета на Велика Британија ќе ја започне со средба со кралското семејство и ручек со кралицата Елизабета во Бакингемската палата.

Посетата, којашто е планирана пред неколку месеци по повод 75-годишнината од сојузничката инвазија на Нормандија, се одвива во време на процесот на истапувањето на Обединетото Кралство од Европската унија и одлуката на британската премиерка Тереза Меј да поднесе оставка на должноста. А американскиот претседател Доналд Трамп уште пред неговото пристигнување се вмеша во превирањата во водството на владејачката Конзервативна партија и му изрази поддршка на жестокиот поборбик на брегзитот, Борис Џонсон.

Првиот ден од посетата на Трамп на Лондон ќе биде проследен со протести. Во текот на банкетот во Бакингемската палата во центарот на Лондон стотици негови противници планираат да одржат „народен банкет“ на Плоштадот на парламентот, неколку стотина метри подалеку.

По ручекот со кралицата, американскиот претседател со сопругата Меланија Трамп ќе ја посети Вестминстерската опатија и ќе положи венец на Гробот на незнајниот војник. Меланија потоа, пред државниот банкет во понеделникот вечерта, на попладневната чајанка ќе се сретне со принцот Чарлс, наследникот на престолот. Трамп во вторник ќе се сретне со Меј, неколку дена пред да отстапи од премиерската позиција, како и со американски и британските деловни луѓе.

Посетата на Трамп на Британија ќе заврши во среда со голема церемонија во јужниот град Порстмут каде што ќе се одбележи „Денот Д“ и инвазијата во Нормандија во 1944 година кога во Втората светска војна околу 160.000 британски, американски, француски и други сојузнички војници се истоврариле на западот на Франција во пробив на утврдените германски позиции. Трамп потоа ќе ги посети и Ирска и Франција.