Американскиот претседател Доналд Трамп телефонски разговарал со својот турски колега по должност Реџеп Тајип Ердоган при што му ја честитал победата на референдумот за уставните реформи со коишто се прошируваат овластувањата на шефот на Турската Република, соопштиле од кабинетот на Ердоган.
„Трамп телефонски му честиташе на претседателот Ердоган за победата на поддржувачите на уставните реформи на референдумот во неделата“, објави агенцијата Anadolu на својот профил на Twitter, повикувајќи се на извори од кабинетот на турскиот претседател.
Во неделата во Турција се одржа долго очекуваниот референдум за уставните реформи коишто овозможуваат преминување од парламентарен на претседателски систем на управување со оваа значајна членка на НАТО. Се уште неофицијалните резултати покажуваат дека победиле поддржувачите на уставните реформи со 51,2 отсто.
Според турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, тоа ќе овозможи побрз развој на земјата и ќе осигури подобра безбедност за нејзините граѓани. Критичарите, пак, велат дека целта на уставните реформи е само зголемување на овластувањата во неговиот авторитарен стил на владеење, како и дека тесниот референдумски резултат укажува на големата поделеност во земјата.