Трамп му нареди на Пентагон формирање вселенска војска

Американскиот претседател Доналд Трамп ги потврди во понеделникот своите намери за основање шести посебен род на американските вооружени сили, ткн „вселенски сили“ (space force) кој би требало да биде засебен од воздухопловството, но ова треба да го потврди и Конгресот.

„Со ова му наредувам на министерството за одбрана веднаш да пристапи кон основање вселенски сили како шести род на вооружените сили. Ќе имаме воздушни сили и вселенски вооружени сили, издвоени но подеднакво важни“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во говорот во Белата куќа посветен на Вселената заклучувајќи ја актуелната дебата на жал на многумина кои сакаа оваа вселенска војска да биде во составот на воздухопловните сили.

Трамп уште претходно говореше дека сака основање на шестиот род на армијата, покрај копнените војски, воздухопловството, воената морнарица, поморскиот корпус и крајбрежната стража. Во американскиот Конгрес со години се води жестока расправа меѓу заговорниците на рамноправноста на новиот род војска со другите корпуси и оние коишто мислат дека би било подобро да биде приклучен на воздухопловните сили. Вселенската војска не може да биде формирана преку ноч, и Конгресот во секој случај мора да донесе посебен закон за ова прашање.

Во Конгресот во текот на дискусијата за буџетот на Пентагон беше покренато прашањето за создавање на вооружени сили специјално наменети за Вселената, но оваа идеја беше отфрлена. Против тоа истапи и министерот за одбрана Џејмс Матис и командата на воздухопловните сили. На сослушувањето на 12-ти април пред комитетот за вооружените сили на Претставничкиот дом, Матис појасни дека не сакал да „создаде во министерството за одбрана, коешто самото претставува еден гигантски бирократски апарат, уште една бирократија“.

Како што истакна тогаш Матис, тој ја разбира сета сложеноста на прашањето поврзано со можноста од создавање нов вид сили. „Имаме армија…. Дали сакаме да додадеме уште еден вид воздухопловни сили. Мораме да донесеме соодветно решение пред да насочиме средства за создавање нов вид воздухопловни сили, за регрутирање персонал, негова подготовка итн“, рече челникот на Пентагон.

„За да ја браниме Америка не е доволно само простото присуство во Вселената, мораме да завладееме со космосот. Тоа е многу важни и затоа ја во моментов му наложив на министерството за одбрана неодложно да започне процес кој ќе доведе до формирање вселенски сили“, истакна Трамп на состанокот со членовите на Националниот вселенски совет, според текстот објавен на интернет страницата на Белата куќа.

Трамп повеќепати досега ја искажуваше идејата за формирање на овие сили. Зборувајќи во март годинава пред маринците во воздухопловната база Мирамар во Калифорнија, тој истакна дека „новата национална вселенска стратегија на САД ја препознава Вселената како зона на воени дејствија, како и земјата, воздухот и морето“. „Имаме воздухопловни сили, а ќе имаме и вселенски сили“, рече тогаш Трамп.