Трамп најави „шокантни“ податоци за гласањето во Невада, докази за антидатирање на гласови во Мичиген

Американскиот републикански претседател Доналд Трамп вети дека ќе објави шокантни податоци за гласањето на претседателските избори на 3-ти ноември во сојузната држава Невада, повторувајќи дека на набљудувачите не им било дозволено да го следат пребројувањето на гласовите во Пенсилванија, а неговите претставници соопштија дека добиле над 130 писмени сведоштва за изборни нерегуларности во државата Мичиген.

„Невада се покажа како жариште на лажните гласачки ливчиња. (Шефот на Американската конзервативна унија) Мет Шлап и (копретседателот на кампањата на предизборниот штраб на Трамп во Невада) Адам Пол Лаксалт открија работи коишто, кога ќе бидат објавени, ќе бидат апсолутно шокантни“, објави во твит Трамп во понеделникот по локално време.

Претходно претставниците на кампањата на Трамп поднесоа жалба пред канцеларијата на државниот обвинител во која наведоа дека имало најмалку 3.026 гласови по пошта од лица кои претходно се иселиле од оваа држава. Главниот обвинител на Невада, Ахарон Форд ја отфрли оваа тужба нарекувајќи ја „ѓубре“.

Покрај тоа, Трамп повтори дека на неговите набљудувачи во сојузузната држава Пенсилванија не им било дозволено да го следат процесот на броење на гласовите, поради што неговиот изборен штаб поднесе тужба пред тамошниот федерален суд. „Незамисливо и незаконски во оваа земја“, додаде Трамп.

Републиканецот, исто така, изрази увереност дека ќе извојува голема победа во Џорџија, каде уште се пребројуваат гласовите, „како што беше ноќта на изборите“.

Објавите за Невада и Пенсилванија администрацијата на Twitter ги означи како „сомнителни“, односно дека е потребна прверка.

Истовремено со објавата на Трамп, во Вашингтон портпаролката на Белата куќа, Кајли Мекинени, на брифингот со новинарите во името на изборниот штаб на републиканецот изјави дека добиле повеќе од 130 одделни писмени сведоштва од очевидци за разни изборни нерегуларности во Мичиген, како и извештаи „за илјадници незаконски гласови“ во Невада.

„Само во Мичиген беа примени повеќе од 130 засебни писмени докази. Исто така, запознаени сме со извештаите дека илјадници гласови биле додадени во Невада, гласови на лица кои немале право да гласаат. Ги добиваме овие пораки, ги проценуваме, добиваме писмени сведоштва“, рече Мекинени повикувајќи на трпение додека на заврши процената на овие информации.

Од своја страна, претседателката на Републиканскиот национален комитет (RNC), Рона Мекданиел, изјави дека во еден од случаите, службеник во изборната комисија во Мичиген сведочел во својата писмена изјава дека добил упатство од своите претпоставени да ги антидатира задоцнетите гласачки ливчиња добиени по пошта со датумите 2-ри и 3-ти ноември, така што тие биле броени како регуларни.