Трамп најави дека со Путин може да се сретне во Хелсинки по самитот на НАТО

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот договорен состанок со рускиот претседател Владимир Путин би можел да се одржи по состанокот на врвот на НАТО во Брисел кој се одржува на 11-ти и 12-ти јули, и тоа најверојатно во Хелсинки, градот кој претходно беше споменуван и во руските медиуми како можна локација на самитот на челниците на двете суперсили.

Трамп, кој се залага за подобрување на односите со Русија последниот пат се сретна со Путин во ноември минатата година во Виетнам на маргините од самитот на Аизија и Пацифик, за новинарите во средата изјави дека со рускиот претседател ќе разговара за војната во Сирија и за ситуацијата во Украина.

Договорот за самитот беше постигнат во средата на средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон, кој важи за еден од најконзервативните политичари во САД особено тврд во своите поддршки на Израел и голем противник на договорите со Иран.

Надворешнополитичкиот советник на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави по споменатата средба дека самитот ќе се одржи во трета земја, којашто ќе им одговара на двете страни, како и дека се потребни уште неколку седмици за неговата подготовка. Точната локација и терминот на неговото одржување треба да бидат соопштени во четвртокот.

„Мислам дека нема ништо чудно во тоа претседателот Трамп и претседателот Путин да се сретнат. Многу критичари на претседателот (Трамп) се обидоа политички да профитираат на теориите и претпоставките коишто се покажаа сосема погрешни. Мислим дека претседателот одлучи и покрај политичката бука во САД декда директната комуникација меѓу него и претседателот Путин е во интересот на Соединетите држави“, рече Болтон за новинарите по средбата во Москва, истакнувајќи дека многу европски политичари веќе се сретнале со Путин.

Болтон ги отфрли толкувањата дека самитот ја „докажува поврзаноста“ меѓу предизборната кампања на Трамп и Кремљ како „бесмислица“.

Трамп му честититаше во март на Путин за повторниот избор за претседател со огромна надмоќ и рече дека двајцата треба наскоро да се сретнат. Но од тогаш Лондон се погрижи да се влошат уште полошите односи меѓу Вашингтон и Москва, со аферата за наводното руско труење со нервен агенс на поранешен двоен руско-британски шпион во Англија што предизвика протерувања на голем број дипломати меѓу Западот и Русија. Политички струи во Вашигнтон, за коишто шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров повеќепати рече дека поттикнуваат „антируска хистерија“ поради нивниот пораз на внатрешополитичата американска сцена, ја обвинуваат Москва и за наводно мешање во конфликтот во Украина и за наводното мешање во американските избори во 2016 година.