Трамп не е над законот, судија издаде наредба спротивна на желбата на претседателот

Судија во Калифорнија им наложи на американските гранични служби да ги спојат разделените мигрантски семејства во рок од 30 дена.

Ако децата се помлади од пет години мора да им бидат вратени на родителите во рок од 14 дена, стои во наредбата издадена синоќа.

Во изминативе недели повеќе од 2.000 деца се разделени од нивните родители, нелегални имигранти во САД, и сместени под контрола на државата.

По бранот критики од сопствената Републиканска партија, како и од опозициските демократи, претседателот на САД Доналд Трамп даде извршна наредба да се престане со раздвојување на семејствата на нелегалните имигранти кои доаѓаат од Мексико и рече дека наместо тоа децата и родителите ќе бидат држени во притворни кампови заедно.

Американскиот судија Дејна Сабро од Сан Диего синоќа ја даде оваа наредба врз основа на тужба на Американската унија за граѓански слободи. Тужбата се однесува на седумгодишно девојче кое е одвоено од мајката која е од Конго, и на 14-годишно момче кое е раздвоено од мајката Бразилка.

Судијата Сабро исто така издаде забрана за раздвојување семејства во иднина на ниво на целата сојузна држава, освен во случаи кога ќе биде проценето дека родителот не е способен да се грижи за детето.

Исто така, 17 сојузни држави и областа Колумбија поднесоа тужби против администрацијата на претседателот Трамп. Во една од тужбите поднесена во Сиетл, тие ја нарекуваат извршната наредба на Трамп „илузија“.