Трамп нема да присуствува на вечерата со дописниците од Белата куќа

Американскиот претседател Доналд Трамп нема да присуствува кон крајот на април на традиционалната вечера на Здружението на дописниците од Белата куќа (WHCA), објави во петокот ова здружение.

Како и минатата 2017 година, претседателот Доналд Трамп одлучил да ја заобиколи оваа гала вечер интонирана со доста хумор, чиешто мото се медиумските слободи и му дава можност на американскиот претседател да одржи говор, кој треба да биде во духот на самоисмевање за изминатата година.

„Белата куќа нѐ информираше дека претседателот нема намера да учествува на вечерата оваа година, но оти ги поттикнува членовите на неговата администрацијата да дојдат“, изјави претседателката на WHCA Маргарет Талев.

Традицијата на оваа вечер е започната уште во 1921 година. Од 1980 година сите претседател, и републиканци и демократи, доаѓаа освен Роналд Реган во 1981 година кога закрепнуваше по атентатот во кој беше тешко ранет.

Во текот на вечерата во 2011 година, на којашто како гостин присуствуваше, Доналд Трамп беше на удар на тогашниот демократски претседател Барак Обама, кој ја исмеваше неговата наводна наклонетост кон теориите на заговор.

Трамп честопати ги обвинува големите медиумски куќи како CNN, The New York Times и The Washington Post за пристрасност кога станува збор за неговите политики, а ги преферира медиумите кои ја покриваат целосно неговата активност како Fox News, Daily Caller, Newsmax и Sinclair- групацијата од речиси 200 локални телевизиски станици.