![трамп](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/tramp.jpg?resize=647%2C409&ssl=1)
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во средата дека ќе се сретне со неговиот руски колега Владимир Путин во Саудиска Арабија, откако во претходниот телефонски разговор се договориле веднаш да започнат преговори за ставање крај на војната во Украина.
„Ќе се сретнеме во Саудиска Арабија“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.
Покрај разговорите со Путин, Трамп во средата разговараше и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во долгата објава на својот профил на социјалните мрежи Truth Social, Трамп рече дека тој и Путин „се договориле нивните преговарачки тимови веднаш да започнат преговори“.
Кремљ објави дека Трамп и Путин разговарале околу час иполовина и дека се договориле да се сретнат. Руската новинска агенција ТАСС објави дека Путин го поканил Трамп да ја посети Москва.
Руските медиуми претходно шпекулираа дека двајцата лидери би можеле да се сретнат во трета земја, спомнувајќи ги Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Во својот пост, републиканецот зборува за „долг и многу продуктивен“ разговор со неговиот руски колега за „Украина, Блискиот исток, енергијата, вештачката интелигенција, јачината на доларот и разни други теми“.
Трамп подоцна изјави дека е согласен со идејата Украина да не биде примена во членството во НАТО. Вака тој ја коментираше изјавата на шефот на Пентагонм Пит Хегсет дека пристапот на Киев во блокот е малку веројатен и непрактичен.
„Тоа е вистина. Мислам дека долго пред претседателот Путин, тие (Русија) рекоа дека под никакви околности нема да дозволат тоа да се случи“, рече Трамп, говорејќи во Белата куќа.
Претходно во средата украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на Украина ќе ѝ требаат Соединетите држави да помогнат во изградбата на армија толку голема како Русија која ќе служи како „план Б“ доколку неговата земја не биде примена во Северноатлантскиот воен сојуз.
Киев е во војна со руските сили кои започнаа инвазија во февруари 2022 година со образложение дека ја спречуваат подготвената од Украина офанзива и етничко чистење на југоисточниот регион Донбас со доминатно руско и рускојазично населние, па затоа Зеленски тврди дека пристапувањето во НАТО би било најсилниот и најевтин начин да се спречи Русија да започне нова инвазија на Украина откако евентуално ќе се постигне прекин на огнот или мировен договор.
„… Ако Украина не е во НАТО, тоа значи дека Украина ќе го изгради НАТО на нејзина територија. Значи, потребна ни е армија толку голема колку што имаат Русите денес“, рече Зеленски во интервјуто за Economist објавено во средата.
„И за сево ова ни треба оружје и пари. И тоа ќе го побараме од САД“, рече Зеленски, нарекувајќи го „План Б“.
Вашингтон е меѓу неколкуте членки на НАТО кои во моментов се против влезот на Украина во НАТО. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет претходно во средата повтори дека Соединетите држави не го гледаат членството на Киев во алијансата како дел од мировниот план за Украина.
По разговорот со украинскиот претседател, Трамп на Truth Social напиша дека Зеленски сака „да постигне мир“. „Разговорот помина многу добро. Тој, како и претседателот Путин, сака да постигне МИР“, напиша тој.
Кабинетот на Зеленски потоа објави дека тој и Трамп разговарале околу еден час, а самиот украински претседател напиша на X дека тој и Трамп разговарале за „можностите за постигнување мир“, „нашата подготвеност да работиме заедно… и технолошките способности на Украина… вклучувајќи беспилотни летала и други напредни индустрии“.
Трамп подоцна рече дека не мисли дека е практично Украина да се приклучи на НАТО и дека е малку веројатно земјата да ја врати целата своја територија.