Трамп oбјави дека имал „долг и продуктивен“ разговор со Путин

Американскиот претседател Доналд Трамп во средата на својата социјална мрежа Truth Social напиша дека имал „долг и многу продуктивен разговор“ со рускиот претседател Владимир Путин за време на кој се договориле „веднаш“ да започнат мировни преговори во Украина.

„Се договоривме да работиме заедно, многу тесно, што вклучува меѓусебни посети на нашите земји“, напиша републиканскиот претседател, додавајќи дека „веднаш“ ќе го информира украинскиот претседател Володимир Зеленски за неговиот разговор со рускиот лидер.

Кремљ објави дека Путин и Трамп разговарале речиси час иполовина и се договориле да се сретнат, пренесува Reuters. Руската новинска агенција ТАСС објави дека Путин го поканил Трамп во Москва.

Ова е прв познат и потврден директен контакт на Путин со американски претседател од февруари 2022 година, кога разговараше со поранешниот претседател Џо Бајден.

Во саботата доцна ноќта интерент изданието на The New York Post објави дкеа американскиот претседател Доналд Трамп телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за завршување на војната во Украина, но портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков тогаш одговори за медиумите дека ниту може да го потврди, ниту да го демантира евентуалниот разговор.

Во интервјуто дадено во претседателскиот авион „Air Force One“ минатиот петок, Трамп рекол дека е „подобро да не каже“ на прашањето колку пати двајцата челници разговарале. „Тој (Путин) сака луѓето да престанат да умираат“, изјавил Трамп за New York Post.

Трамп за The New York Post изјави дека „секогаш имал добри односи со Путин“ и дека има конкретен план за ставање крај на војната. Сепак, тој не откри повеќе детали.

„Се надевам дека ќе биде брзо. Луѓето умираат секој ден. Оваа војна во Украина е толку лоша. Сакам да ја прекинам проклетата работа“, рекол Трамп.

Песков, изјави дека Путин е подготвен за телефонски разговор со Трамп и дека Москва чека порака од Вашингтон, како и дека и руската страна е подготвена.

 Песков, во неделата изјави за руската новинска агенција ТАСС дека „се појавуваат многу различни комуникации“.

„Оваа комуникација се одвива преку различни канали. Можеби јас лично нешто не знам. Така што, во овој случај не можам ниту да потврдам ниту да демантирам“, вели Песков на прашањето на ТАСС директно да го коментира извештајот на американскиот весник.

Путин последен пат разговараше со поранешниот американски претседател Џо Бајден во февруари 2022 година, непосредно пред Путин да нареди распоредување на илјадници војници во Украина. Двајцата челници тогаш разговараа околу еден час, соопшти Кремљ.

Новинарот на The Washington Post, Боб Вудворд во својата книга „Војна“ од 2024 година тврди без наведување докази дека Трамп разговарал директно со Путин седум пати откако ја напуштил Белата куќа во 2021 година.

Запрашан дали тоа е вистина во интервју за деловната новинска агенција Bloomberg News минатата година, Трамп рече: „Ако сум, тоа е паметна работа“. Кремљ, пак, го негираше тврдењето на Вудворд.